Вести Македонија Топ вести

Пожарот над Селце се гасне со прскалки, лопати и метли, ер-тракторите на земја од недостиг на пилоти

Иако во гаснењето се вклучија и два хелихоптера на МВР, сѐ уште е загрижувачка состојбата со големиот пожар кој го зафати пределот над селото Селце на Шар Планина. Од Јавната установа која раководи со Националниот парк велат дека ветарот кој се појавил, им ја отежнува работата на ренџерската служба и тетовските пожарникари кои гаснат со прскалки, лопати и метли. Пожарот е на тешко пристапен и оддалечен терен, локација која и претходно горела. 

„Присутни се два хелихоптера. Често одат, брзо се враќаат, но линијата на пожарот е многу долга, така што продолжува ситуацијата да биде напната, ризикот е уште во голем процент. Вака изгледа нема да може да се справиме со овие моменти, така што очекуваме временските прилики ако се сменат, ако се појави дожд за да ја смири состојбата“, изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУ Национален парк „Шар планина“.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) вели дека во гаснењето на пожарот не може да се вклучат канадери, затоа што Дирекцијата за заштита и спасување се соочува со недостаток на пилоти.

„Моја проценка е дека нема опасност по куќите од селото Селце, затоа што густиот чад потекнува меѓу другото од лисјата кои ги има во голема количина. Линијата на огнот е доста широка, би рекол повеќе од еден километар. За жал немаме ниту еден ер трактор од ДЗС, поради проблемот со пилотите. Тие значително ќе го олеснеа гаснењето на овој шумски планински пожар“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Во овој пожар над Селце, кој се појави на 11 април во попладневните часови, досега се изгорени над 100-тина хетари, ливади, букова шума, приватен имот. Пред извесен период имаше голем пожар и над селото Вешала кој зафати околу 170 хектари.

Пожарите на Шара зачестија годинава, а најчеста причина за нивното избувнување е човечкиот фактор, а досега нема изречено казни за предизвикување на ваков вид пожари.

Данијела Билбилоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протести во Грузија : Полицијата употреби шок бомби и солзавец

Дејан Дејан

Земјотрес од 4,1 степени во Лос Анџелес

Дејан Дејан

Почина таткото на Тоше Проески – Никола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе