Хорот составен од поранешни и сегашни ученици од Музичкото училиште „Исидор Бајиќ“ во Нови Сад, заедно со сите студенти на „Мостот на слободата“ во Нови СаД, како дел од студентската блокада што ги опфати трите мостови во градот во еден глас ја испеаја песната „За милон години“.
…nikad ne boj se s'tobom neko je…
— Tea Selenic (@TSelenic) February 2, 2025#NoviSad#Beograd@studentblokade pic.twitter.com/kagVMBetpE
Песната „За милион години“ беше снимена во 1985 година од групата Yu Rock Misija, составена од најистакнатите музичари од поранешна Југославија. Ова беше нивен одговор на повикот на музичарот и активист Боб Гелдоф, кој собираше средства за гладните во Африка преку глобалниот хуманитарен концерт „Live Aid“.
Големите југословенски музичари се здружија инспирирани од „Live Aid“, историскиот концерт организиран од Гелдоф на стадионот „Вембли“ во Лондон во јули 1985 година. Овој настан беше еден од најзначајните во историјата на музиката, а посебно запаметен остана настапот на „Queen“ и Фреди Меркјури, кој, според многумина, го „украде шоуто“.
На концертот учествуваа и Елтон Џон, Дејвид Боуви, Стинг, Пол Јанг, Dire Straits, U2, Шаде, Пол Макартни и многу други. Учесниците имаа обврска за првпат да изведат нови песни, а средствата од продажбата беа наменети за помош на Африка.
Југославија се вклучи во концертот преку песната „За милион години“, која беше емитувана ширум светот, што ја направи првата песна од овие простори што ја слушнаа милијарди луѓе.
Кои музичари беа дел од YU Rock Misija?
Во проектот учествуваа најголемите имиња на југословенската сцена – од Здравко Чолиќ и Горан Бреговиќ, до Слаѓана Милошевиќ, Дадо Топиќ, Оливер Мандиќ, Жељко Бебек, Марина Перазиќ, Бајага, Викторија, Масимо Савиќ, Аки Рахимовски, Сеад Липовача, Ален Исламовиќ, Дејан Цукиќ, Љуба Нинковиќ, Зоран Предин, Влатко Стефановски, Ања Рупел и многу други.
Текстот го напиша новинарот и водител Младен Поповиќ, кој му го предаде на композиторот Драголјуб Драган Илиќ со прашање дали може брзо да компонира музика, бидејќи Југославија требаше да има свој претставник на „Live Aid“.
Поповиќ подоцна изјави дека бил изненаден од масовниот одзив на музичарите. И покрај обидите секој да добие свој дел за соло изведба, тоа било невозможно поради големиот број учесници.
Синглот „За милион години“ се продаде во над 150.000 примероци, а првата јавна изведба беше во јуни 1985 година на хуманитарен концерт на стадионот на „Црвена Звезда“.
Југославија беше трета земја во светот, после Велика Британија и САД, што собра најмногу средства за фондацијата на Боб Гелдоф, што беше очекувано со оглед на тоа што земјата беше дел од Движењето на неврзаните.
Авторот на текстот, Младен Поповиќ, 12 години подоцна доби отказ од Радио Телевизија Србија поради учество во студентските протести во 1996/97 година. Почина во 2014 година, но неговата песна и денес има силно значење, особено кога ја пеат новите генерации студенти во нивната борба за подобро утре.