Вечерва на полноќ се вадат ракавиците – и официјално започнува кампањата за претседателските избори

Вечерва на полноќ се вадат ракавиците – и официјално започнува кампањата за претседателските избори

Билборди, постери, дебати, митинзи и ТВ реклами, информации, но и дезинформации – ова ќе е македонската реалност, почнувајки од утре, па се до 8 мај, кога се очекува да завршат двојните, претседателски и парламентарни избори.

Во трката до Вила Водно овие избори имаме вкупно седум кандидати, од кои две се жени.

За победа во прв круг, потребно е еден од кандидатите да ја добие довербата на 51% од вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список.

Имајќи предвид дека тоа е исклучително тешко да се постигне, речиси извесно е дека ќе има и втор круг кој ќе се поклопи со парламентарните избори, а според истражувањата на јавното мислење се очекува трката да ја продолжат Гордана Силјановска-Давкова и актуелниот Претседател, Стево Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја започнува со утрешниот митинг во Скопје, додека пак СДСМ ќе е во Прилеп.

Кампањата за парламентарните пак, иако на терен веќе е во полн ек, официјално започнува на 18-ти април. Според податоците на државната изборна комисија, кандидатски листи има од вкупно 17 предлагачи, односно над 90 листи. Ова прави овие избори, скоро 2000 луѓе да се натпреваруваат за 120те пратенички места во Собранието.

Анкетите покажуваат убедливо водство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред владеачката партија СДСМ. Направени од различни истражувачки агенции, секоја наредна покажува се поголема разлика помеѓу двете најголеми политички опции.

Државната изборна комисија го затвори избирачкиот список, на кој за двата изборни процеси се пријавени околу до еден милион и осумстотини илјади гласачи, од кои 96 илјади работат или престојуват во странство, а 2.140 се затвореници.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста