„Опенхајмер“ издоминира на Оскарите, Килијан Марфи прогласен за најдобар актер

Филмот „Опенхајмер“ (Oppenheimer) триумфираше на овогодинешното издание на Оскарите.

Од вкупно 13 номинации, филмот за „таткото на атомската бомба“ освои 7 Оскари, меѓу кои за најдобар филм, режисер – Кристофер Нолан, најдобар актер – Килијан Марфи и најдобра споредна машка улога – Роберт Дауни Џуниор, пренесува Би-Би-Си на српски јазик.

Апсолутната победа на „Опенхајмер“ не беше изненадување затоа што филмот беше најголемиот фаворит на гламурозната вечер во холивудскиот театар Долби, откако претходно ги освои наградите во главните категории на Златен глобус и БАФТА.

„Опенхајмер“ триумфираше на филмските награди БАФТА 2024

Заклучно со Оскарите, филмот има освоено вкупно 333 награди на фестивали во различни категории.

Веднаш по „Опенхајмер“, најмногу оскари освои надреалната мрачна комедија „Кутри нешта“ (Poor Creatures) за продукција, костими, шминка и фризура, но и за најдобра женска главна улога на Ема Стоун, која го освои вториот Оскар во кариерата.

Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Дејвин Џој Рендолф за нејзината улога во „Чуварите“ (The Holdovers).

Интересно е што филмот „Убијци на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) имаше 10 номинации, но не освои ниту една статуетка. Додека пак, „Барби“ (Barbie), филмот со најголема заработка во 2023 година, освои само една – за најдобра оригинална песна на Били Ајлиш и нејзиниот брат Финес.

Исто така, Украина го доби првиот Оскар за најдобар документарен филм „20 дена во Мариупол“ (20 Days in Mariupol), а победник во конкуренцијата меѓународни филмови беше филмот „Зона на интерес“ (The Zone of Interest).

Наградата за најдобро оригинално сценарио ѝ припадна на судската драма „Анатомија на падот“ (Anatomy of a Fall).