Грузиската претседателка ќе стави вето на законот за странски агенти

Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили изјави дека ќе стави вето на законот за странски агенти доколку биде усвоен во три читања.

Зурабичвили изјави за Би-Би-Си „Навистина ќе ставам вето на овој закон како што ставам вето на сите други закони кои се против препораките на Европската унија“.

Но Зурабичвили е сигурна дека парламентарното мнозинство ќе го отфрли нејзиното вето. Сепак, таа тврди дека ветото треба да се искористи за да може „да се слушне гласот на народот“.

Претходно во средата, грузискиот парламент во прво читање го одобри предлог-законот за странски агенти, за којшто Зурабичвили, опозицијата и западните дипломати се цврсто против. Тие тврдат дека тоа е пречка за интеграција на земјата во Европската унија. За иницијативата гласаа 83 пратеници.

Владејачката партија Грузиски сон-Демократска Грузија на почетокот на април објави дека одлучила повторно да го воведе предлог-законот за транспарентност на странското влијание во парламентот. Ова се случи една година откако слична иницијатива предизвика масовни протести, принудувајќи ги властите да се откажат од предлог-законот. Неговиот текст остана идентичен со минатогодишниот, освен терминот „агент на странско влијание“ сега се користи терминот „организација која ги промовира интересите на странска сила“.