Завршија натпреварите „Робомак“ и „Робомак Јуниор“ 2024

На натпреварот кој беше составен од неколку предизвици, учествуваа 22 тимови составени од студенти од ФЕИТ, Машинскиот факултет и ФИНКИ

фото: Тодор Стојчевски

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера заврши 12-тото по ред издание на натпреварот „Робомак“ (RoboMac).

На овој натпревар учествуваа 22 тимови составени од студенти од ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Студенките Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challenge“ – натпревар во кој секој тим градеше кула со претходно дефиниран код.

Во предизвикот „Sense the color select the line“, модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови, а пред секој кружен тек беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери.

Во овој предизвик, до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот стигне возилото на тимот во состав Ана Марија Илиева, Даниел Мојсоски и Ангел Затуроски.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот  Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија „Chatbot challenge“, пак, учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Тие требаше да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и „Робомак Јуниор“ за ученици од средните училишта. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваа во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.