Кои се најомилените евровизиски песни на Евровизиските фанови?

1099

Хитот „Ватерло“ постојано се одбира и за најдобра евровизиска песна на сите времиња. Со право. Заразно привлечна за слушање е и до ден-денес. Шведскиот квартет AББA во 1974 година однесе триумфална победа и потоа направи исклучителна светска музичка кариера

Во исчекување на големото евровизиско суперфинале, во сабота 11.мај со почеток од 21 часот (и со директен пренос на МТВ 1) евровизиските фанови ширум светот одбраа десетина свои најомилени песни од овој фестивал, без разлика на тоа дали песните беа изгласани за победнички или не. Од првиот Избор за Песна на Евровизија кој се одржа во далечната 1956 година, па се до овој најновиот 68. се изнаслушавме над две илјади најразлични песни и исто толку секакви пејачи и групи. Но, еве ги омилените меѓу најомилените од евровизиските фестивали:

„ABBA”: WATERLOO (SWEDEN)

Историското место Ватерло на кое Наполеон ја изгуби воената битка во 1815 година, се најде за тема во истоимената песна на шведскиот квартет AББA. Тие во 1974 година однесоа триумфална победа и потоа направија исклучителна светска музичка кариера. Заразно привлечна за слушање е и до ден денес. Хитот „Ватерло“, постојано се одбира и за најдобра евровизиска песна на сите времиња. Со право. Ретко кој имаше таков евровизиски хит и ретко кои потоа направи таква блескава кариера. Тоа на АББА им успеа. Оваа година се слави 50-годишнина од премиерната евровизиска изведба на „Ватерло“. Според неофицијални сознанија, организаторите на оваа “Евровизија 2024“ по тој повод планираат членовите на АББА пак да застанат на сцената и после 50 години да го испеат мегахитот, но сега и веќе евергринот „Ватерло“.

DOMENICO MODUGNO: NEL BLU, DIPINTO DI BLU (VOLARE) (ITALY) и TEREZA KESOVIA (BIEN PLUS FORT (MONACO)

И ако мега италијанската музичка ѕвезда Доменико Модуњо во 1958 година со хитот Nel Blu, Dipinto Di Blu, попознат како Volare не победи и го освои само третото место, песната остана да се слуша за сите времиња. Парадоксално звучи дека тогаш Volare доби само 13 поени, за да набргу стане светски хит. Но затоа е после „Ватерло“ со АББА на високо второ место на најомилените и најслушаните евровизиски песни.  На наградите „Греми“ во 1959 година, песната ги освои сите можни признанија и стана единствената странска песна која на овој важен натпревар не е испеана на англиски, туку на италијански јазик. Со што ги сруши рекордите и во тој поглед, оставајќи ги зад себе и легендарните: Дин Мартин, Ела Фицџералд, Луис Армстронг, Дејвид Боуви. Доменико Модуњо имаше уште еден одличен евровизиски настап и во 1966 година и ако тогаш на натпреварот во Луксембург беше последен. Заедно со легендарната Тереза Кесовија, не доби ниту еден поен, па рамноправно со неа го поделија последното место. Тереза тогаш и ако како Југословенка, го претставуваше Кнежеството Монако, а по изборот на славната принцеза Грејс Кели. Меѓутоа, фановите на Евровизија без разлика на лошиот пласман на песната “Bien Plus Fort” во фантастична интерпретација на Тереза, и понатаму ја слушаа(т) со особено задоволство и ја сметаат за една од своите најомилени евровизиски песни. 

„RIVA” – ROCK ME, BABY (YUGOSLAVIA)

Можеби на многумина чудно им звучи, но поп-рок групата „Рива“ од тогашната Југославија и градот Задар, со пејачката Емилија Кокиќ за првпат во евровизиската историја ѝ донесе евровизиска победа на таа земја. На тој начин Југославија, всушност, како таква воедно и се збогува од Песна на Евровизија, иако наредната година се одржа во Загреб. Државата, во меѓувреме се распадна во крвавата граѓанска војна, па после Југославија, на Евровизија почнаа самостојно да настапуваат некогашните југословенски републики, вклучувајќи ја и Македонија. Но без некои којзнае какви успеси. Освен што за убедлива победничка на Евровизија се смета претставничката на Србија, Марија Шерифовиќ со поп-баладата „Молитва.

MARIJA SERIFOVIC – MOLITVA (SЕRBIA)

Апсолутно никој ниту до денес со сигурност не знае која е тајната на победата на Марија Шерифовиќ и Србија на Песна на Евровизија со песната “Молитва“. Се разбира дека никој на Марија не и ги оспорува пејачки квалитети, ниту некој ја оспорува песната „Молитва“, но исто така никој таа година ни на сон не се надеваше дека Србија ќе победи. Со оглед на тоа што таа држава тогаш во тоа време имаше многу лош имиџ во светската политика, поради осудениот Слободан Милошевиќ. Сепак, организаторите со победата на Србија истакнаа дека на Евровизија нема место за политичарите и партиите, дека тој фестивал е исклучиво посветен на добрата песна. Како и да е „Молитва“ остана да им биде заедно со пејачката Марија, една од најомилените песни на евровизиските фанови.

 “MOCEDADES” – ERES TÚ (SPAIN)

Претставувајќи ја Шпанија на Изборот за Песна на Евровизија во 1973 година, фолк-поп групата „Моседадес“ беше тесно победена на второто место таа година, пропуштајќи го првото место за само четири поени. Бујна и сентиментална, Eres Tú речиси потсетува на „Hey Jude“ од Битлси. И покрај поразот од Tu Tu Reconnaîtras на Ен-Мари Давид, највпечатливиот дел од canción melódica на „Моседадес“ сè уште со задоволство се памети како една од најдобрите евровизиски песни. За изненадување е дека Eres Tú таа година стигна дури до 9. место на американската Hot top-pop листа на 100 најслушани песни. Успехот е уште поголем ако се знае дека песната е испеана на шпански јазик, а не на англиски. Тоа е извонреден подвиг!

JULIO IGLESIAS: GWENDOLYNE (SPAIN)

Светски познатата музичка – суперѕвезда Хулио Иглесијас со продадени над 150 милиони грамофонски плочи низ светот  стана воедно еден од најслушаните евровизиски учесници. Малкумина денес се сеќаваат дека хитот бр.1 на Иглесијас, „Гвендолин“, кој е именуван по неговата некогашна девојка, всушност беше влезот на неговата земја на Евровизија во 1970 година. Кршачот на женските срца заврши на четвртото место, само со осум поени. А, сепак таа песна беше голем хит, кој остана да се слуша, претворајќи се во една од најдобрите евровизиски песни.

DANA INTERNATIONAL: DIVA (ISRAEL)

Израелската поп-ѕвезда Дана Интернешнл влезе во историјата на Евровизија во 1998 година како првата транссексуална пејачка која победи на овој фестивал, и тоа со песната “Дива“. Нејзиното учество на натпреварот беше многу контроверзно за контроверзниот свет во тоа време. Но згодната Дана Интернешнл на Евровизиската сцена изгледаше отмено, храбро и моќно. И раскошно во гламурозниот фустан. Песната ја испеа на хебрејски јазик. Со тоа на сите им даде на знаење дека англискиот не е гаранција за победата. „Дива“ е класичен диско-хит и заслужено победи. Има одличен рефрен, неодолив ритам. Целиот настап на Дана исто така беше феноменален, кој и денес се памти.

CÉLINE DION: NE PARTEZ PAS SANS MOI (SWITZERLAND)

Селин Дион на Евровизија настапи како пејачка од Канада, а ја  изведе песната, една од најдобрите од овој фестивал, Ne Partez Pas Sans Moi, и тоа под знамето на Швајцарија. Песната е едно совршенство, беше одличен комерцијален успех на Селин. Ја пее како талентираната сопрано пејачка. Со  неверојатен талент. Нејзината победа на Евровизија во 1988 година беше само најава за една успешна кариера. За жал кариерата на Дион се прекина поради нејзината долгогодишна тешка болест. Пејачката е прилично ослабена, исцрпена, изгледа лошо, но силната волја за пеење и концерти не ја напуштаат.   Д.М.