Лема и Обири победници на Бостонскиот маратон

Етиопјанецот Сисај Лема и Кенијката Хелен Обири се победници на Бостонскиот маратон, еден од шесте најголеми маратони во светот, кој своето прво издание го имаше далечната 1897 година.

Етиопјанецот нападна рано и на крајот се задржа на водството, победувајќи со време од два часа, шест минути и 17 секунди. Лема двапати се откажуваше на претходните четири маратони во Бостон, а неговиот најдобар пласман пред денешната победа беше 30-то место.

„Успеав да ги надоместам лошите резултати од минатото. Решив да одам брзо, мојот план беше да го поставам рекордот на патеката. Но, беше толку ридско, горе-долу што ме смируваше”, изјави Лема за ESPN.

Неговиот сонародник Мохамед Еса го зазеде второто место со 41 секунда заостанување, додека бранителот на титулата Кениецот Еванс Чебет беше трет со една минута и пет секунди зад победникот.

Во женска трка славеше Кенијката Хелен Обири со одбрана на минатогодишната титула. На крајот целта ја мина со време од два часа, 22 минути и 37 секунди, додека втора беше нејзината сонародничка Шерон Локеди со осум секунди заостанување.

„Знаев дека Шерон е многу силна, па дадов сѐ од себе на крајот. Притискав колку што можев, но таа сепак беше блиску до мене. Победата ме прави толку среќна”, рече Обири.

Доминацијата на Кенијките ја потврди Една Киплагат која беше трета со 44 секунди зад Обири.