Црвена Звезда остана без супер-засилување, па доведе нов центар

Црвена Звезда остана без посакуваното супер-засилување, откако евролигашот од Белград не успеа да постигне договор со Семи Оџелеје, крилниот кошаркар кој наместо да потпише договор со „црвено-белите“ реши да ја продолжи соработката со Валенсија.

Американецот кој има настапувано за Бостон, Милвоки и за ЛА Клиперс сезонава имаше 13,3 поени и 4,4 скокови во дресот на Валенсија, во дебитантската сезона за овој клуб кој минатото лето плати 300.000 евра за да го откупи од Виртус Болоња. Оџелеје беше желба и на Барселона, најконкретни преговори водеше со Црвена Звезда, но на крајот сепак потпиша нов договор со Валенсија, со важност до 2026 година.

„Црвено-белите“ како утеха денеска договорија нов кошаркар, и тоа центарот Урош Плавшиќ од редовите на Мега. Овие две екипи вчера ја завршија полуфиналната серија од АБА-лигата, по што беше веќе нема пречка за обелоденување на трансферот на 216 сантиметри високиот Плавшиќ, кој имаше извонредна сезона во дресот на Мега и летово ќе направи уште еден чекор напред во својата кариера.

Црвена Звезда сака да го ангажира и 20-годишниот Никола Ѓуришиќ од Mега, но за овој трансфер најпрвин се чека разврската од НБА-драфтот бидејќи постои можност овој суперталентиран кошаркар веќе летово да се пресели во најсилната лига во светот.

Се вчитува...