Татјана Бошков (во средина), деканка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Штип со дел од учесниците на Националната конференција / Фото: ДУГД-Штип

Национална конференција „Културното наследство помеѓу туризмот и идентитетот“ во Штип

На културниот туризам и културното наследството, јавните власти не треба да гледаат како на единствената перспективна функција на историските области и локалитети, ниту како на единствена економска активност што носи профит за локалната економија, бидејќи е потребен повеќедимензионален пристап кон наследството како современ развоен ресурс. Како клучни институционални чинители, јавните власти (особено локалните власти) исто така треба да бидат свесни за мноштвото должности што ги чекаат во однос на одржливото управување со наследството. Ова беше заклучокот од трите панел-сесии на вчерашната национална конференција „Културното наследство помеѓу туризмот и идентитетот“ што се одржа во Штип, во организација на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Конференцијата се одржа по повод 22 март и првото македонско нематеријално културно наследство, штипскиот обичај „Четрсе“, кој е впишан во листата на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
На конференцијата, пред нејзиниот работен дел, пред присутните се обратија градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Мишко Џидров, деканката на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, Татјана Бошков, и претседателот на Институтот за културно наследство, Љубен Тевдовски.
Конференцијата се одвиваше во три сесии: „Потенцијалите на културниот туризам“, „Промоција на културното наследство“ и „Културното наследство и идентитетот“, а како учесници беа пријавени врвни домашни експерти од овие области. Во рамките на конференцијата беше поставена и богата изложба на книги од областа на културното наследство.

Заклучок од  тритепанел-сесии

Кога станува збор за заклучоците од богатата расправа, вреди да се истакнат должностите што се исправени пред властите во однос на одржливото управување со наследството. Тие се движат од поставување на „правилата на играта“, преку креирање и спроведување закони и прописи поврзани со наследството, вклучувајќи документи за просторно планирање и давање дозволи и отстапки за специфични видови активности, до играње на „правила на играта“ и затоа „поставување тренд“ од имплементација на внимателно осмислени јавни проекти и ефективно, одржливо управување со институции и локации за наследство во јавна сопственост. Тие исто така може да вклучуваат создавање дополнителни инспиративни и охрабрувачки „правила на игра“, поттикнување одредени активности на други актери преку создавање стимулации за развој на одредени, „посакувани“ форми на активности и услуги на туризмот на наследството, соодветна ревитализација на наследството и интересни активности за презентација на наследството (на пр., даночни олеснувања и надоместоци, грантови и награди, партнерства, основање агенции за вмрежување и промоција, активности поврзани со промоција на наследството и екотуризмот).
– Притоа се укажува дека е неопходна добро осмислена анализа на вредностите што ги создава одреден проект или потфат во оваа насока, вклучувајќи ги и економските и културните вредности и можните корисни надворешни ефекти пред да се преземе кој било потфат. Во исто време, важно е да се „создаваат принципите за одржливост“, т.е. да може да се пристапи кон проект на холистички начин, гледајќи во различни димензии на одржливост, како што е капацитетот на проектот да продолжи да функционира и обезбедува низа придобивки на долг рок, меѓугенерациска еднаквост, почитување на различноста својствена за наследството, одржување рамнотежа во природните и културните екосистеми и препознавање на меѓузависноста на економските, социјалните и културните системи – истакна во заклучокот Татјана Бошков, деканка на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Фото: ДУГД-Штип

Генерички придобивки

Ако културното наследство треба да се смета за современо развојно богатство, придвижување кон пософистицирано разбирање на развојот како социоекономски, така и одржливиот развој треба да биде проследен со проширување на бројот и сложеноста на потенцијалните сфери на влијанието на наследството врз развојот и вклучувањето на најширокиот опсег на вредности во неговата процена. Според тоа, може да бидат истакнати неколку главни потенцијални области на влијание на културното наследството на развојните процеси во различни просторни размери (на пр., локално, регионално).
Прво, постојат директни економски влијанија на културното наследство поврзани со приходите и создавање вработувања што произлегуваат од активности поврзани со зачувување на наследството, зачувување и толкување или обезбедување услуги за наследството и функционирање на институциите за наследството (музеи, библиотеки, архиви, центри за заштита на наследството).
Исто така, се појавуваат индиректни и индуцирани влијанија врз приходите, одржување и создавање работни места во одредена општина или регион (мултипликаторски ефекти), вклучувајќи ги мултипликаторот на туризмот и приходите на јавниот сектор, како и влијанијата на пазарот на недвижности.
Второ, долгорочното влијание на наследството поврзано со неговиот потенцијал за поддршка на економијата на знаење, а се користи како образовен ресурс, да се стимулира креативноста, да се развива културен капитал или инспирира висококвалитетни оригинални производи и услуги во културниот сектор, креативните индустрии и туризмот.
Трето, прашањето за стандардот и квалитетот на животот може да биде значајна област на влијание на наследството, бидејќи често исполнува важни рекреативни и културни улоги за локалната заедница. За неговото влијание врз локалниот идентитет, чувството на гордост и припадност, меѓу и внатре, треба да се земат предвид и генерациската комуникација и социјалните врски (социјалниот капитал).

Културното наследство како стопанска гранка на Македонија

Од преостанатите дискусии, за обележување е учеството на Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство, кој зборуваше за културното наследство како стопанска гранка на Македонија. Според Јорданоски, во годините што претстојат Македонија е потребно својата енергија да ја насочи кон функционално искористување на културното наследство и идентитетските обележја. Што значи сето ова?
– Македонија, територијално, му припаѓа на Медитеранскиот културен комплекс, делот од светот каде што се раѓале и замирале цивилизациите и империите, оставајќи длабока културна трага зад себе. Сите држави што гравитираат околу Средоземјето имаат богати културолошки наслаги – сведоштва за сопственото постоење. Почнувајќи од самиот влез на Средоземјето, Гибралтарот, па до сувите предели на некогашна Месопотамија, овој простор, откога постојат цивилизациите, е мегдан за културолошка доминација, економски и технолошки развој, но и меѓусебни војни. Токму тој е патот што нужно мора да го започне Македонија, односно преку спојот на културното наследство, идентитетските маркери и економските придобивки да изгради моќна стопанска гранка, која едновремено ќе биде и силен идентитетски браник и моќен финансиски двигател, кој ќе анимира повеќе стопански области, како: туризмот, угостителството, сместувачките капацитети, ракотворството како вештина итн., но и придружните области што го „хранат“ туризмот. Спојот на културата и економијата е најсилниот бедем за опстојување на една држава и народот во неа, бидејќи државата, односно сопствениот идентитет се брани, но и се оплодува за да продолжи да постои. Спојот на културата и парите е несоборливата тврдина што ја крепи секоја држава. Без овозможување на неопходните предуслови за постоење на македонскиот народ – мир, стабилност, простор и можности за дејствување – бесцелно е голото бранење на нарушеното идентитетско постоење – истакна меѓу другото Јорданоски. К.Р.