
На 13 ноември во 20 часот премиерно ќе биде прикажан големиот сценски спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ Made in МNT, во режија на Дејан Пројковски, соопштија од Македонскиот народен театар (МНТ).
Во оваа претстава ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
Од МНТ додаваат дека „Сонцето, колку е блиску сонцето“, е емотивна приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се позади кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Во претставата ќе учествува огромна актерска екипа од ансамблот на националниот театар, соло пејачи, воздушни акробати и балетски играчи.
Публиката ќе биде на едно големо патување во театарот на сонцето. Овој голем сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со посебен акцент на воздушната акробатика и 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавањето на мултимедијални сцени на оригинален начин пред сѐ преку силно визуелен израз да се раскаже за 80- годишното театарско постоење на МНТ, се вели во соопштението.
„Сонцето, колку е блиску сонцето“ е реченицата која ја изговори актерката Вера Вучкова во првата, историска претстава „Платон Кречет“ која била поставена на сцената на МНТ на 3 април 1945 година. Спектаклот кој го подготвуваше МНТ за 80-от роденден поради трагедијата во Кочани во која во пожар во дискотека загинаа 59 лица, од кои 6 деца, а околу 200 беа повредени од кои 25 деца беше одложена.
Во авторскиот тим, освен Пројковски, се уште и Валентин Светозарев – сценограф, Горан Трајкоски – композитор, Сергеј Светозарев – дизајнер на 3Д-видеомапингот и Марија Пупучевска – костимограф.
По премиерата на 13 ноември, следните изведби се на 14 и 17 ноември 2025 година.
Билетите за изведбите на спектаклот ќе бидат пуштени во продажба од денес, 4 април, преку веб-страницата, www.mnt.mk, како и на билетарницата во МНТ.