Велигденски пораки за добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија, денеска испратија шефот на државата, собранискиот спикер, премиерот, како и лидерите на политичките партии
Со пораки за заедништво, обединетост, сплотеност, државниот врв денеска го честита празникот Велигден.
Претседателот Стево Пендаровски во честитката вели дека овој празник нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други.
„Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен“,
се вели во честитката од претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески во честитката, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија, вели дека денешниот празник треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици.
„Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис“,
се наведува во честитката од Митрески упатена до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.
Премиерот Талат Џафери во честитката до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот вели „обединети да продолжиме и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија“.
„Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит“,
се вели во честитката од Џафери.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во честитката по повод христијанскиот празник Велигден, повикува на хармонија и на обединетост во нашето општество.
„На овој најголем празник, да имаме мир и спокој во душите, а добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ кон добри дела и иднина. Денешниот празник ја симболизира победата на животот над смртта, тоа е силна порака дека храбрите одлуки секогаш носат успех, особено кога се работи за заедничкото добро“,
вели во честитиката Ковачевски.
Во честитката за Велигден од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се вели дека воскресението е потврда дека надежта секогаш ќе победи, човековата волја, љубов и верба можат да придонесат за поубав свет.
„Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес. Промените кои доаѓаат да ги запечатиме со силна победа, за догодина да славиме Велигден со многу поголеми насмевки на задоволство како нација“,
се вели во честитката од Мицкоски.