Во среда, на 8 ноември, во Културно информативниот центар – Скопје, во продажниот салон ќе се отвори завршната изложба на дела настанати на работилниците за алтернативна фотографија кои се одржаа во јули, во село Цапари, во организација на фестивалот Зрно.
Зрно ја негува фотографијата на автентичен начин, невиден до сега на овие простори и за само две години се етаблира во светот како единствен настан од ваков вид. Годинава успеа да обедини триесетина фотографи и љубители на фотографијата од цела Европа и да ги донесе во прекрасната природа под Пелистер, во преубав простор каде што редовно се одржува уметничката колонија Де Ниро.
Оваа година на Зрно имаше седум работилници на кои се експериментираше, се споделуваше страст, се печеше леб, се споделуваше хемија и љубов и се градеше креативен однос кон фотографијата.
Во периодот од 10 до 16 јули се одржаа следниве работилници:
-Работилница за мокар колодиум, под водство на Предраг Узелац, Нови Сад
-Работилница за креативни игри со полароиди под водство на Мартина Павлоска, Милано, Италија
-Работилница за лумен принтови, под водство на Јелена Белиќ, Скопје
-Работилница за Морденсаж техника, под водство на Сашо Алушевски, Скопје
-Работилница за сендвич принтови, под водство на Стефан Стефановски, Нови Сад
-Работилница за класична аналогна фотографија под водство на Ивана Томановиќ, Нови Сад
-Работилница за цијанотипија, под водство на Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија
На изложбата ќе бидат претставени автентични, оригинални, уникатни дела од учесниците на работилнците. Некои од фотографските техники никогаш претходно не биле изучувани и/или изложени кај нас.
Нема коментари