Д-р Анастас Коцарев

Во светски рамки Коцарев останува запаметен како еден од првите што работел на истражување и лекување на ракот, еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата, прв во светот што направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Но во националната македонска меморија останува вечно врежан како личност што работела во полза на македонската кауза сред македонската емиграција, залагајќи се за самостојна и независна македонска држава

Повод: 93 години од смртта на светски познатиот научник од македонско потекло

Во организација на здружението „Заборавени Македонци“, деновиве на градските гробишта во париската општина Бонди, Македонците од Париз и околината, но и од други градови од Франција, заедно со градоначалникот на општината, Стефен Ерве, се поклонија на гробот на д-р Анастас Коцарев и одржаа пригодни говори за неговата научна работа и неговите заложби за независна држава Македонија на Париската мировна конференција во 1919 година. Оваа година се навршуваат 134 години од раѓањето и 93 години од смртта на светски познатиот научник од македонско потекло.
Во чест на Анастас Коцарев, здружението „Заборавени Македонци“ организираше концерт во македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј“ во Париз каде што со аплаузи беше пречекана и испратена музичката двојка Елена Стојчевска (флејта) и Роман Петио (гитара), кои настапија пред македонската публика. Претходно, домаќинот на единствениот македонски храм во Франција, отец Даниел Стојчевски, одржа литургија. И оваа година на настанот присуствуваа потомци на семејството Коцареви (д-р Предраг Николовски од Италија) и семејството Пинел (Женевјев Брине од Париз), давајќи ѝ континуиран респект на љубовната врска што ги врзувала двајцата млади партнери Анастас Коцарев и Сесил Пинел во периодот од 1928 до 1931 година, а преку нив и негување на пријателските француско-македонски културни врски.
Во светски рамки Коцарев останува запаметен како еден од првите што работел на истражување и лекување на ракот, еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата, прв во светот што направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Но во националната македонска меморија останува вечно врежан како личност што работела во полза на македонската кауза сред македонската емиграција, залагајќи се за самостојна и независна македонска држава. Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко Друштво на Македонците за независна Македонија, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Не случајно, Љубен Лапе, истакнатиот македонски историчар и универзитетски професор, нагласил дека спиритус агенс на овие друштва бил авторитетниот и прогресивен охриѓанец д-р Анастас Коцарев, доцент на Женевскиот универзитет. Според Лапе, речиси во „сите друштва фигурира јасно нивната намера дека, борејќи се против секакво странско влијание, се борат за една слободна и независна Македонија“.

Еден од пионерите на радиотерапијата

Основно образование завршил во Охрид, а средно образование во Солунската гимназија во 1908 година. Познавачите велат дека семејната трагедија, односно смртта на неговата мајка (почината од рак), како и на двете сестри, кои починале млади, ќе бидат причина младиот Анастас да одлучи да студира медицина. Неговиот татко, кој бил познат банкар, за да ги плати трошоците за студиите на својот син, продал дел од семејниот имот бидејќи Анастас студирал на Медицинскиот факултет во Женева. Работел како асистент на универзитетската клиника, каде што и докторирал, а во периодот од 1917 до 1919 година работел и како лекар и приватен доцент по онкологија на истиот факултет. Тој бил целосно посветен на науката и македонското прашање. Воспоставил широки контакти, кои ги користи не само за неговите медицински истражувања туку и за македонската кауза. Особено бил заинтересиран за експерименталните лекови, а првата негова научна статија датира од 1914 година. Првата книга ја објавил во соработка со Алфред Фроментин во 1916 година. Истата година бил повикан да продолжи со истражувањата на Академијата за медицина во Сорбона, Париз. Таму тој продолжил да работи на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го насочил на тесна соработка со познатата Марија Кири, која во тоа време била професорка и директорка на лабораторијата за радиум на Универзитетот во Сорбона. Подоцна, тој во својата монографија изразил голема благодарност кон својата учителка и соработничка Марија Кири.
Во својата истражувачка работа како лекар, д-р Коцарев го користел радиумот за инјектирање во ткивата за дијагностички и терапевтски цели. Во 1922 година, тој ја направил првата радиографија на пациент заболен од рак. Во 1929 година преминал во Париз, каде што продолжил со своите истражувања. Неговите истражувања го прават еден од пионерите на радиодијагностиката и радиотерапијата. Во текот на 1921 до 1931 година, д-р Коцарев има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа, а во тогашните весници има записи за него. Неговите истражувања дури и денес се цитираат. За неговата истражувачка работа добил награда од Медицинската академија во Париз. Боледувал од лесна форма на дијабет, но ненадејно починал на 29 март 1931 година во Париз.

Претседател на женевското друштво „Македонија“

Коцарев и покрај тоа што успеал да се пробие во европските и светските медицински кругови, никогаш не ја заборавил својата татковина Македонија. Ова е особено видливо кога во 1915 година го обновил академското друштво „Македонија“. Во текот на Првата светска војна, при Универзитетот во Женева студирале петнаесетина Македонци, кои станале јадро на споменатото друштво. Меѓу неговите членови биле Анастас Коцарев, Петар Здравев, Димитар Несторов, Трифун Греков, Благој Тошанов, А. Копандонов, Александар Крајчев и др. Бил донесен правилник за работа со што го регистрирале друштвото при универзитетските власти. Во 1918 година, Коцарев, кој имал контакти со видни швајцарски општественици, едногласно бил избран за претседател на друштвото. Во овој период, македонските студенти од Универзитетот во Цирих, во 1915 година исто така формирале политичко друштво „Македонија на Македонците“, а во 1916 година во Лозана било формирано политичкото друштво „Македонија – за одбрана на правата на Македонците“, додека во Женева, пак, било формирано Политичкото друштво за независност на Македонија. До крајот на Првата светска војна во Швајцарија постоеле околу 25 македонски друштва, кои во времето на Версајската мировна конференција го формирале Главниот одбор на македонските друштва за одбрана на целоста и државната конституција на Македонија.
Во август 1918 година, д-р Александар Коцарев ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничкото Друштво на Македонците за независна Македонија. На 15 декември 1918 година тие го основале Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија или Генерален совет на македонските друштва во Швајцарија, со седиште во Лозана. Д-р Коцарев бил избран прво за потпретседател (15 декември 1918 – 2 мај 1919), а потоа и за претседател (2 мај – 1 јули 1919). Во овој период нивен печатен орган било списанието „Македонска независност“, преку кое светот се запознал со борбата и стремежот на македонскиот народ.
Историчарот Љубе Лапе истакнува дека спиритус агенс на еден број од овие друштва бил авторитетниот и прогресивен охриѓанец д-р Анастас Коцарев, приватен доцент на Женевскиот универзитет. Toj ја дал и идејата за здружување на овие политички друштва во една единствена организација, таканаречена Генерален совет на македонските друштва во Швајцарија со седиште во Лозана, а со цел да може со поголеми изгледи да се реализира стремежот на овие друштва за една слободна Македонија, нагласува овој македонски историчар.
Според Лапе, уште во самите имиња на друштвата се истакнува тукуречи и нивната основна цел и програма: политичкото друштво „Македонија на Македонците“ го носи на својот печат циришкото друштво; „Македонското друштво за независна Македонија“ ja огласува целта на женевското друштво, лозанското друштво „Вардар“ го повторува во својот печат популарното гесло на македонското национално ослободително движење: „Македонија на Македонците“; друго лозанско друштво, исто така во своето име ги носи програмата и целта изразени во зборовите: „Одбрана на правата на Македонците“, посочува Лапе.

Промотор на македонската независност и државност

Познати се неговите контакти од мај 1919 година со проф. Г.Д. Херонод од САД, кој го поддржал барањето на македонскиот народ за независност. За жал, барањето на Главниот одбор да испрати тричлена комисија, која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, било одбиено од преговарачите на Париската мировна конференција. Но тоа не ги спречило д-р Коцарев и неговите соработници да продолжат да испраќаат телеграми и петиции, барајќи справедливо решавање на македонското прашање. Во дописите до Париската конференција, Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија инсистирал на 14-те Вилсонови точки во кои се предвидувало правото на самоопределување на секој народ.
Михајло Миноски, историчар и универзитетски професор, вели дека д-р Анастас Коцарев излегол со идеја за создавање балканска конфедерација, со што трајно и во интерес на сите балкански народи ќе се разрешеле сложените балкански проблеми и посебно прашањето на Македонија. Според неговата замисла, идната балканска конфедерација требало да се формира од следниве држави членки: Албаниja, Црна Гора, Босна, Далмација, Војводина (одделно), Хрватска, Србија (од 1912 година, односно од пред Балканските војни), Македонија (во најширок обем од 1912 година) и Бугарија. Според Миноски, за запознавање на балканската прогресивна интелигенција во Швајцарија и швајцарското јавно мислење д-р Коцарев подготвил јавно предавање за да ja образложи својата концепција за балканската конфедерација. Основната поента била да се појасни и образложи можноста за конституирање на Македонија (обединета во нејзините природни и национални граници) во посебна државно-политичка единица на Балканскиот Полуостров и нејзиното влегување во идната балканска конфедерација, посочува проф. д-р Михајло Миноски.
Од сите упатени писмени акти, големо значење има апелот што бил испратен до целиот цивилизиран свет во јуни 1919 година, потпишан од претседателот д-р Коцарев и неговите соработници. Во него е нагласено дека Македонците имаат право на живот, а се истакнува и волјата на македонскиот народ за создавање независна македонска држава по примерот на Швајцарија и под протекторат на една од незаинтересираните сили – САД.
По поделбата на Македонија, Главниот одбор функционирал до 27 ноември 1919 година. Меѓутоа, активноста на академското друштво „Македонија“ се чувствувала сè до крајот на 1923 година, а во 1924 година тоа престанало да дејствува откако неговите активни членови ги завршиле студиите и се вратиле во своите родни краеви. Д.Ст.