Наесен ќе бидат објавени мемоари за животот на Алексеј Навални напишани пред неговата смрт

Мемоарите ќе бидат објавени под наслов „Патриот“ во издание на американската издавачка куќа Алфред А. Кнопф која ја опиша книгата како „последното писмо до светот“

Кон крајот на годинава, некаде наесен, ќе бидат објавени мемоарите што починатиот руски опозионер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, почна да ги пишува во 2020 година.

Фото: EPA-EFE/DAVID MDZINARISHVILI

Ова денеска го соопшти неговата вдовица Јулија Навални во објава на социјалната мрежа Икс, нагласувајќи дека биографијата ќе биде објавена на 22 октомври годинава на 11 јазици, меѓу кои и на руски.

„Воопшто не замислував дека Алексеј ќе ја напише својата биографија. Но, по обидот за негово труење во 2020 година, сите инсистираа: ‘Алексеј, треба да напишеш книга.’ Тој го отфрли тоа бидејќи каква биографија може да се напише на 44 години? Но, работите испаднаа поинаку. Сепак, Алексеј почна да ја пишува книгата и неочекувано брзо навлезе во неа. Сакаше да се присетува на настани од својот живот во врска со настаните во земјата. На пример, уживаше да го опишува своето детство“,

пишува, меѓу другото, Јулија Навални во објавата на Икс.

Мемоарите ќе бидат објавени под наслов „Патриот“ во издание на американската издавачка куќа Алфред А. Кнопф.

„Напишано со страст, духовитост, чесност и храброст за кои ‘Патриотот’ со право беше прославен, ‘Патриот’ е последното писмо на Навални до светот – потресна приказна за неговите последни години поминати во најбруталниот затвор на светот и потсетник зошто принципите на индивидуалната слобода се толку важни, а истовремено и повик да се продолжи она за кое тој го жртвуваше својот живот“,

рече меѓу другото издавачот на книгата, Алфред А. Нопф.

Навални (47) почина во февруари годинава додека ја отслужуваше 19-годишната затворска казна под обвинение за екстремизам, што тој го осуди како политички мотивирано.

- Реклама -