Извештајот на Регулаторната комисија за домување покажува дека заклучно со 2023 година во земјава имало 7.582 станбени згради кои биле управувани од лиценциран управител или од заедница на сопственици.

Податоците покажуваат дека бројот на лиценцирани управители изнесува 5.048 и тие имаат склучено договори за управувачки услуги само во 20 градови, од кои најмногу во Скопје, Битола, Штип, Струмица, Велес и Охрид. Лиценцираните управители даваат управувачки услуги за 124.372 станови и деловни простории.

Што се однесува до бројот на заедници на сопственици, податоците добиени од Централниот регистар до средината на декември 2023 година покажуваат дека се регистрирани вкупно 2.534 заедници на сопственици. Најголем број на регистрирани заедници на сопственици се во општините на Град Скопје, како и Кавадарци, Тетово, Битола и Охрид. Во општините Валандово, Дебар, Демир Капија, Дојран, Илинден, Јегуновце, Кратово, Маврово и Ростуша, Македонски Брод и Пехчево има регистрирано од една до пет заедници на сопственици.

– Овие податоци се доказ дека интересот на граѓаните за примена на одредбите од Законот за домување се зголемува, што е показател дека интересот кај граѓаните е зголемен или се чувствуваат благодатите кои се добиваат од истиот закон, односно поквалитетен живот. Бројот на вкупно згаснати заедници на сопственици во период од 2010 година до месец декември 2023 година, изнесува 1.136  заедници. Како и во претходниот период најголем број од станбените  згради кои ги згаснале заедниците на сопственици, имаат донесено одлука за ангажирање на лиценциран управител, па се очекува овој тренд да продолжи и во иднина – се наведува во Извештајот на Регулаторната комисија за домување.

Но, голем број згради се уште немаат управители  ниту пак формирано заедници на станари, односно функционираат по старо со куќен совет што не постои како институција.

Затоа, од Регулаторната комисија за домување иницираа со законски измени да се овозможи определување привремен управител во зградите, со што би се надминал проблемот во поголемиот број згради кои досега не го уредиле управувањето во заедничките делови во согласност со Законот за домување значително ќе им се помогне на граѓаните во надминување на бројните проблеми и тешкотии во однос на одржувањето собир на сопственици и донесување одлуки.

Како што се нотира во Извештајот, оваа иницијатива се уште не е реализирана.

Со законски измени ќе се овозможи привремен управител во зградите да може да назначува градоначалникот на општината или Регулаторната комисија за домување. Исто така, ќе се зголеми можноста за опфат со управување и на зградите составени од пет и повеќе посебни делови, што се очекува да придонесе за зголемување на ангажманот на професионалните управители, како и можност за нови вработувања во овие правни лица. Засега, со Законот е овозможено да има управител во објект со над осум стана.

Контролите спроведени од крајот на ноември до крајот на декември 2023 година покажале дека 71 правно лице ги исполнува условите за лиценциран управител. Со измените што се предлагаат се бара износот што се плаќа за лиценца за управители да се зголеми од сегашните 150 на 1.000 евра за период од пет години, како и да се овозможи вработување на по две лица со високо образование без ограничување на факултетот и на три лица со средно образование.

Работењето на лиценцираните управители, како и на функционирањето на регистрираните заедници на сопственици, го отежнува фактот што во цела држава вкупно има 14 лиценцирани инспектори за домување и тие се ангажирани во општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Охрид, Битола, Куманово, Велес, Штип, Гостивар, Струмица и Кичево.

– Со тоа истовремено се зголемуваат нерегуларностите од страна на управителите, за што укажува зголемениот број на пријави и претставки од граѓаните – укажува Регулаторната комисија за домување.

Токму ова беше посочено од претседателот на Регулаторната комисија за домување, Зоран Маџовски, на работната средба кон крајот на минатата година во Стопанската комора на Македонија со правни лица кои поседуваат лиценца за управители за управување со станбени згради. Тој тогаш изјави дека граѓаните најчесто се жалат на користењето на средства од Резервниот фонд, начинот на одржување на заедничките делови во колективните згради и на комуникацијата со управителите на станбен и деловен простор. Маџовски рече дека во изминатите 12 години, колку што постои Комисијата, биле одземени 60 лиценци поради нерегуларности со управувањето.

(С.Бл.)