Лондон сака да го оневозможи влезот во Британија на „екстремистите кои опасно шират омраза“

49

Британската влада вети дека ќе формира работна група која ќе ги идентификува „екстремистите во странство“, односно оние кои „опасно шират омраза“, со цел да ги спречи да добијат виза.

Објавата доаѓа по „посветеноста на владата за борба против екстремизмот по големото зголемување“ на антисемитизмот и исламофобијата од 7 октомври, кога започна војната во Појасот Газа, соопшти британското Министерство за внатрешни работи.

Работната група ќе собере експерти од министерствата за внатрешни и надворешни работи и од различни заедници.

Нејзината улога ќе биде да ги идентификува „екстремистите од висок профил во странство кои би можеле да претставуваат ризик за јавната безбедност во Обединетото Кралство“.

Министерството за внатрешни работи може да ги укине или одбие нивните барања за виза за влез во државата, се додава во соопштението.

Британските власти изјавија дека во земјата нема место „за странски државјани кои шират омраза и промовираат екстремистички идеологии“.