„Европскиот фронт“ и „Вреди“ деновиве ќе одлучуваат дали и кого да поддржат за претседател


Дали и кој претседателски кандидат ќе го поддржат во вториот круг од изборите за шеф на државата, партиите од албанскиот политички блок ќе одлучуваат наредните денови.
Во вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат заедно со парламентарните за точно една недела од сега – на 8 мај, за глас повеќе ќе се борат Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, и актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендаровски, кој ја има поддршката на СДСМ.

За избор на претседател во вториот круг потребен е цензус, што значи дека треба да излезат и да гласаат најмалку 40 отсто од граѓаните запишани во единствениот избирачки список.

Од коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, велат дека одлуката за тоа дали и кого ќе поддржат во вториот круг ќе ја носат на лидерско ниво, односно за ова прашање ќе одлучуваат лидерите на четирите партии кои ја сочинуваат оваа коалиција. Лидерот на „Демократското движење“, Изет Меџити, кој е дел од оваа коалиција денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека дека до нив досега не стигнало барање од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на нивниот кандидат, Гордана Силјановска-Давкова.

„Сега за сега немаат побарано таква поддршка, Но за волја на вистината, голема е разликата во гласовите. Повеќе е формален вториот круг. Деновиве ние, лидерите на ‘Влен’ (‘Вреди’), ќе седнеме и ќе донесеме одлука“, изјави Меџити.

Одлука во врска со ова прашање допрва ќе носи и Демократската унија за интеграција (ДУИ), чиј кандидат за претседател на државата, актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во првиот круг на 24 април, освои 121.088 гласови.

„Тоа ќе биде партиска одлука, но ние сè уште немаме донесено таква одлука. Тоа ќе се знае во наредните денови. Сега сме фокусирани на парламентарните избори и комуницираме со тоа дека сме победници со плус 40 илјади гласови“,изјави Арта Биљали-Зендели од ДУИ.