Од Националното биро за осигурување и од Агенцијата за супервизија на осигурувањето како регулатор се бара во текот на денов да им предложат на осигурителните друштва до крајот на денот да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, да ги вратат на ниво од пред 25 април и за тоа да ја известат Комисијата
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара до крајот на денешниот ден осигурителните компании да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците.
Барањето следува по денешната одржана седница на која е разгледан извештајот од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени врз основа на премија за вршење на дејноста на осигурување.
Од Националното биро за осигурување и од Агенцијата за супервизија на осигурувањето како регулатор се бара во текот на денов да им предложат на осигурителните друштва до крајот на денот да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците, да ги вратат на ниво од пред 25 април и за тоа да ја известат Комисијата.
Укажувањето, како што велат од Министерството за финансии, е со цел да се обезбеди транспарентност и предвидливост на процесите бидејќи, како што додаваат оттаму, компаниите ниту поединечно ниту преку Националното биро за осигурување ја немаат известено Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците врз основа на премијата за вршење на дејноста на осигурување.
На тој начин, додаваат од Финансии, не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето се бара да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука.
„Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица“,
додаваат од Министерството за финансии.
На состанокот, како што наведуваат од Финансии, Комисијата одлучила во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Од Националното биро за осигурување (НБО) во пресрет на денешната седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност посочија дека „одлуката треба да ги земе предвид интересите на крајните потрошувачи, но и реалната пазарна состојба, како и условите под кои работат осигурителните компании“.
Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автоосигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 до скоро 1 600 денари во зависност од моќноста на возилото.