’Ода на радоста’ е класичен кросовер за гудачки инструменти и електронска музика на познатата тема од деветтата симфонија од Лудвинг Ван Бетовен. Темата е химна на Европа и затоа премиерата на видеозаписот е закажана на Денот на Европа. Во спотот покрај виолинистката Пламенка Трајковска во гудачкиот квартет учествуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело

 

Познатата македонска виолинистка Пламенка Трајковска го објави синглот „Ода на радоста“, а ја најавува и премиерата на видеоспотот, по повод Денот на Европа, 9 мај. Во спотот покрај виолинистката Пламенка Трајковска во гудачкиот квартет учествуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

„’Ода на радоста’ е класичен кросовер за гудачки инструменти и електронска музика на познатата тема од деветтата симфонија од Лудвинг ван Бетовен. Темата е химна на Европа и затоа премиерата на видеозаписот е закажана на Денот на Европа“, посочува авторката.

Инаку, композицијата е снимана во музичкото студио Кларион. Миксот и мастерингот го направи тон-мајсторот Дејан Ангелевски. Главен дигитален онлајн дистрибутер е CD Baby од Портланд Орегон, која е една од трите партнери на Apple music и која е дом на повеќе од 650.000 музичари и повеќе од 9 милиони траки од секој дел на планетата.

Видеото на спотот го снимаше Дејан Марковски во студио на почетокот на април, а фотосесијата ја направи фотографот Константин Калошев. Премиерно спотот ќе биде прикажан на YouTube на 9 мај на каналот на Пламенка Трајковска. Композицијата „Ода на радоста“ од Пламенка Трајковска е достапна преку сите онлајн музички мрежи Sportify, Apple music, Amazon, iTunes, Deezer и други.

Во едно од своите интервјуа за весникот ВЕЧЕР, во кое зборува за својата работа, таа кажа: „Кога сум на сцената, сосема сум свесна за комуникацијата и за мојата задача да допрам до слушателот. Тоа е момент кога сето она што сум го вежбала со месеци, со години, во определено време треба да ѝ го донесам на публиката. Имам задача да ја изградам композицијата од почеток до крај токму во тој момент. Како композитор, уживам во создавањето нови комбинации на звуци, мелодиски линии, хармонии и ритам“, кажа за весникот ВЕЧЕР, Пламенка Трајковска. Таа е виолинистка која, исто така, и ги компонира делата што ги изведува и со голем успех, преку малите камерни состави, ја доближува класичната музика до пошироката публика, но и до младите генерации.

Инаку, Пламенка Трајковска од почетокот на годината, поточно на 3 март,  настапи на концертот во Истанбул со наслов „Жените од светот“ со својата композиција „Ламенто вело“ и беше дел од проектот „Мојот град мојот глас“ .

Како композитор Пламенка Трајковска досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања.

Таа има реализирано голем број на концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција.

Редовно работи и во Филхармонија и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија. (Д.Т.)