Откриени диви приклучоци кон системот на јавно осветлување

48

Врз основа на пријава поднесена од жител на селото Норово, пристигната до Општина Крушево, е спроведена акција за откривање диви приклучоци кон системот на јавно осветлување.

– Општина Крушево и фирмата што се грижи за уличното осветлување, по спроведената контрола и утврденото дело, констатираа дека има бесправно приклучување на општинската мрежа кон домаќинство, т.е. објект во изградба и две улични светилки во дворот што е во сопственост на лицето Ф.И. од селото Норово – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека, во присуство на ОВР Крушево, бил составен записник и оти била констатирана претходно наведената состојба.

– Приклучокот е веднаш отстранет, уличното осветлување им служи на сите наши сограѓани и го плаќаме заеднички, за општо добро – нагласуваат од Општина Крушево и предупредуваат дека ќе бидат поднесени соодветни пријави против сите што незаконски се приклучени и крадат струја од уличното осветлување.