Од „Зелен хуман град“ сметаат дека локацијата на поранешната фабрика „Купром“ не треба да се претвори во нова бетонска џунгла и затоа предлагаат на тоа место да никне културен центар, каде што би се одржувале настани, галерии и концерти. И организацијата „Културно ехо“ долги години се бореше „Купром“ да се пренамени во културен центар или во студентски град, но деновиве следуваше  „ладен туш“ откако објавија медиумите дека се продаваат пет објекти на „Купром“ на јавно наддавање, додека самото земјиште што е државна сопственост засега не е предмет на продажба

 

Не треба да се дозволи објектите каков што е оној на поранешната фабрика за бакар „Купром“, на влезот во Ѓорче Петров, да останат запуштени среде градска средина или, уште полошо, да се претворат во нови бетонски џунгли. Од „Зелен хуман град“ сметаат дека оваа локација е совршена за културен центар, каде што би се одржувале настани, галерии и концерти.

– Ова може да биде простор каде што ќе може да избегаат секој скопјанец и скопјанка од секојдневниот хаос. Локација што, без многу напор, институциите може да ја претворат во културна оаза на Скопје – велат од „Зелен хуман град“.

Сметаат дека постојат милион начини да се постигне тоа, дали преку јавно-приватно партнерство со сегашните сопственици на парцелата, дали преку експропријација (откупување) на земјиштето од страна на Општина Ѓорче Петров или на Град Скопје или негова пренамена преку новиот ГУП, кој уште е во изработка.

– Борбата за која било тема во Скопје и во Македонија мора да се одвива заеднички, синхронизирано и со инволвираност на сите граѓани. Не оставајте една организација, една група или еден човек да ја води борбата, надевајќи се и давајќи поддршка само преку социјалните медиуми. Сплотете се, само масовноста прави вистински промени во Македонија – нагласуваат од „Зелен хуман град“.

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека просторот на поранешната фабрика „Купром“ не е опфатен со важечките детални урбанистички планови, односно во овој момент не постојат услови за директна градежна реализација на какви било содржини. Оттаму велат дека во моментов, во Општина Ѓорче Петров нема активна постапка за изработка до конечно донесување на деталниот урбанистички план.

– Просторот е опфатен со план од повисоко ниво на планирање: ГУП на Град Скопје 2012/2022 (донесен од Советот на Град Скопје со одлука бр. 07-5068/1 од 3.12.2012 година) и се наоѓа во дел од градскиот кварт СЗ 25, во зададената наменска зона А – домување. Оттука, намената на просторот веќе е утврдена со план од повисоко ниво на планирање и таа, како таква, мора да се почитува во деталниот урбанистички план, кој би бил изработен. Со Генералниот урбанистички план не се предвидени содржини за културен центар на просторот на поранешната фабрика „Купром“ – децидни се од локалната самоуправа.

Од Општината сметаат дека предвиденото напуштање на индустриските капацитети од просторот на поранешната фабрика „Купром“, генерално, е во склад со заложбите и со дефинираните стратешки цели на Општина Ѓорче Петров.

– Анализите на просторот, кои се извршени во Општина Ѓорче Петров, презентирале повеќе проблеми на кои би се наишло при изработката на деталниот урбанистички план за градскиот кварт СЗ 25., а еден од нив, секако, е и зададената наменска употреба на земјиштето. Поради овие согледани проблеми, интерно решение на Општина Ѓорче Петров во овој момент е да се чека донесувањето на новиот ГУП на Град Скопје од страна на ЕЛС Град Скопје – план за кој имаме информации дека е во постапка на изработка. Изработката на нов детален урбанистички план, кој би го опфатил и просторот на поранешната фабрика „Купром“, би се одвивала по донесувањето на новиот ГУП, а согласно со условите дефинирани со него – образложуваат од локалната самоуправа.

За тоа „Купром“ да се пренамени во културен центар или во студентски град, долги години се бореше и организацијата „Културно ехо“. Особено што овој историски објект е дел од колективната меморија на граѓаните, поради оваа фабрика се развиваа Хром и околните населби, како и целата Општина Ѓорче Петров. Сепак, оваа долгогодишна иницијатива на „Културно ехо“ деновиве доби „ладен туш“ откако се продаваа пет објекти на „Купром“ на јавно наддавање, додека самото земјиште што е државна сопственост засега не е предмет на продажба. Објектите од фабриката се продаваа без утврдена почетна цена, односно почнувајќи од 0 денари, а вкупната површина за продажба е 3.200 квадратни метри.

(А.П.)