Три со три

ДКСК: Постои сомнеж за злоупотреба на службени возила на изборите

Претседателката Татјана Димитровска вели дека е алармантно што повеќето институции немаат доставено податоци

Само 401 од вкупно 1.558 институции ја исполнија обврската да достават податоци за службените возила што ги користат до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Институциите имаат обврска да ги достават овие податоци десет дена по распишувањето на изборите.

Уште 92 институции доставиле информации по истекувањето на рокот, кој беше на 24 февруари.

Антикорупциската комисија направи регистар на службени возила со цел да ја вклучи јавноста во процесот на спречување злоупотреба од политичките партии. Кој било може да внесе регистрација на возило во овој регистар и да види на чија институција припаѓа тоа возило.

За овој проблем разговаравме со претседателката на комисијата, Татјана Димитровска.

БИРН: Според ДКСК, целта на регистарот е да се спречи злоупотреба преку партиско користење на службените автомобили. Околу 1.000 институции воопшто не доставиле податоци. Отвора ли ова простор за злоупотреби?

Димитровска: Секако дека отвора простор за злоупотреба штом некој не ги доставува податоците за возилата што ги користи. Тоа отвора сомнеж за постоење ризик од корупција. Според листите што се објавени на нашата веб-страница, очигледно е дека е мал бројот на институции што во законски утврдениот рок ги доставија потребните податоци. Алармантно е што повеќе од 75 отсто од институциите воопшто немаат доставено податоци.

БИРН: Пријавувањето на државните возила е обврска од Изборниот законик, иако не се предвидени казни за тоа. Имате ли друга можност, освен јавно да ги прозивате институциите што не доставуваат информации?

Димитровска: Улогата на ДКСК е да превенира. Откако го објавивме нашето соопштение за овој проблем пред неколку дена, се зголеми бројот на податоци. Во случај на непочитување на оваа обврска, имаме право да покренеме прекршочна постапка. Но, спроведувањето на оваа активност е оневозможено бидејќи во законот постои правна празнина, која не уредува санкција за тие што не ја испочитувале оваа законска обврска. За да повикаме на одговорност, изработивме дописи и известувања до органите што избираат и именуваат, односно до Собранието, до Владата и до единиците на локалните самоуправи преку ЗЕЛС.

Друг механизам [за дејствување] не постои. Политичка волја немаше за ова прашање, иако во континуитет се укажува на потребата за утврдување санкција. Сметам дека и санкциите што се утврдени и за други прекршоци се ниски што значи дека подобро им е на одговорните лица да ја платат казната, сметајќи дека се амнестирани од поголем прекршок што може да биде и кривично дело. Непријавувањето, исто така, упатува и на ризикот на неекономично и неефикасно користење на имотот на државата и непочитување на кодексот на етика што го има донесено владата токму за користење на овие службени возила.

БИРН: Дури 11 министерства не доставиле податоци за службени возила, а оваа обврска ја игнорирале и јавни обвинителства и судови. Според вас, зошто имаат ваков однос кон ДКСК? Се работи за игнорирање, незаинтересираност или сметате дека зад ова стои нешто друго?

Димитровска: Едно е јасно: како институција доставивме апел до сите органи на извршната власт, правосудството, судството и јавното обвинителство. Им беше укажано дека имаат обврска да ги достават овие податоци. Меѓутоа, институциите знаат дека нема прекршок за оваа одредба, па останува на одговорност на раководителите. Ова е значајно прашање бидејќи оваа обврска ја имаат институциите само за време на избори да ги доставуваат овие податоци. Но, ваквото непостапување укажува на сомнеж за злоупотреба на овие возила за време на изборниот процес.