Тотален дебакл на Англичаните во Европа, Серија А од следна сезона со пет претставници во ЛШ

Тотален дебакл доживеаја англиските клубови низ годинашниве настапи во трите европски клупски натпреварувања, ако се знае дека според многумина Премиерлигата е најдобрата лига во светот.

Но, Англија зачудувачки остана само со еден претставник во полуфиналињата во трите клупски натпреварувања, и тоа Астон Вила во најслабото натпреварување на УЕФА – Конференциската лига, благодарение на спасот по пенал-серијата против Лил.

Најдобри сезонава во европските натпреварувања се Германците, кои преку Борусија Дортмунд и Баерн Минхен имаат двајца полуфиналисти во ЛШ, како и Баер Леверкузен во Лига Европа. Италија има исто така тројца полуфиналисти, но ниту еден во Лигата на шампионите. Рома и Аталанта останаа во Лига Европа, а Фиорентина во Конференциската лига. Еден полуфиналист имаат и Шпанците, но тоа е во Лигата на шампионите, Реал Мадрид.

Следната сезона, италијанската Серија А, пак, ќе има дури пет претставници во Лигата на шампионите, по вчерашните резултати во Лига Европа и Конференциската лига.

Ажурирањето на УЕФА ранкингот по четвртфиналните реванш средби овозможи за италијанските клубови зголемување на бројот на учесници во новиот формат на Лигата на шампионите. Фиорентина се пласираше во полуфиналето на Конференциската лига, додека Аталанта и Рома го потврдија пласманот во полуфиналето на Лига Европа, па со освоените бодови Серија А сигурно ќе биде меѓу двете лиги со најдобар коефициент до крајот на европската сезона.

ЛИГА ШАМПИОНИ – ПОЛУФИНАЛЕ
Баерн Минхен – Реал Мадрид
Борусија Дортмунд – ПСЖ

ЛИГА ЕВРОПА – ПОЛУФИНАЛЕ
Марсеј – Аталанта
Рома – Баер Леверкузен

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА – ПОЛУФИНАЛЕ
Астон Вила – Олимпијакос
Фиорентина – Бриж

Се вчитува...