ВИДЕО| Рамов: Реализиравме 80 проценти од програмата за капитални комунални проекти во 2022 година

Општина Кавадарци реализираше 80 проценти од програмата за капиталните комунални проекти во 2022 година и ова е тренд кој ќе продолжи и во идната 2023 година. Ова се дел од поентите од излагањето на Стојанчо Рамов, Претседател на Советот на Општина Кавадарци на регионална средба и трибина на општините од Вардарскиот плански регион.
– Општина Кавадарци во изминатиов период беше во интензивна комуникација со месните заедници и граѓаните, каде од нив се црпеа идеите, плановите и идните развојни проекти кои ќе треба да се реализираат во Општина Кавадарци во 2023 година. Сите овие идеи ќе се најдат во развојната програма, а во однос на капиталните проекти кои се планирани за 2023 година би ги издвоил изградбата на старечкиот дом во градскиот парк во Кавадарци со капацитет од 80 легла, изградба на Дневен центар за лица со посебни потреби, изградба на отворен базен и Луна центар- затворен базен и многу други проекти – кажа Рамов.
Рамов истакна дека соработката на Општина Кавадарци со Вардарскиот плански регион е одлична и дека преку истиот реализирани се повеќе проекти, а проекти се планираат и за идната година.
– Како еден од најважните комунални проекти кои ќе се реализираат во 2023 година преку Вардарскиот плански регион, а кој е од голема важност за општините Кавадарци и Неготино е патното поврзувањето на Горни и Долни Дисан со општина Кавадарци, кој е во должина од 5.7 километри. Со изградбата на ова ново патно поврзување значително ќе се олесни движењето за жителите на овој реон и претставува големо скратување на патувањето од досегашните 15 километри – додаде Рамов.
Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт, Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.