По 20 милиони денари за проект за комерцијализација на иновативноста кај компаниите

ФИТР ОБЕЗБЕДИ 8 МИЛИОНИ ЕВРА

31

Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди 8 милиони евра за поддршка на проектите за комерцијализација на иновативноста кај македонските компании. На јавниот повик објавен деновиве, ФИТР објаснува дека тој е наменет за компаниите што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа што врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Може да се поднесуваат апликации до 4 јуни 2024 година, а Фондот обезбедува финансиска поддршка во износ од 20 милиони денари

 

 

 

Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди 8 милиони евра за поддршка на проектите за комерцијализација на иновативноста кај македонските компании. На јавниот повик објавен во петокот, ФИТР објаснува дека тој е наменет за компаниите што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа што врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност.

– Финансиската поддршка е достапна за домашните претпријатија што имаат проекти со јасна комерцијална цел и што се во фаза на прототип, сè до преткомерцијална фаза. Доколку предлог-проектот се поднесува од конзорциум, во тој случај предлог-проектот го поднесува водечкиот апликант, а членови на конзорциумот можат да бидат претпријатија, високообразовни и научноистражувачки установи од земјата и од странство – нагласуваат од ФИТР.

Може да се поднесуваат апликации до 4 јуни 2024 година, а Фондот обезбедува финансиска поддршка во износ од 20 милиони денари, односно финансирање до 70 % или до 60 % од вкупниот буџет на секој од одобрените проекти, во зависност од бројот на вработени и од годишниот приход остварен во последните две години. Времетраењето на проектите може да биде до 24 месеци.

– Со овој инструмент, ги поттикнуваме компаниите да бараат дополнителни извори на финансирање, па така, доколку за времетраењето на проектот, а сè до одобрување на завршниот извештај од страна на Фондот, корисникот достави доказ за привлечен инвеститор, кој вложил износ што изнесува најмалку 50 % од износот на финансиската поддршка доделена од Фондот на корисникот, во тој случај корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање ројалти – велат од ФИТР.

Активностите што ќе бидат одобрени за финансирање во рамките на повикот се за: истражување и развој, тестирање, активности поврзани со заштитата на интелектуалната сопственост, дизајн, развој на пилот-линии, активности поврзани со обезбедувањето квалитет и активности за маркетинг и продажба.

Главни критериуми според кои ќе се оценуваат предлог-проектите се: степенот на иновативноста, квалитетот на проектот, капацитетот на проектниот тим, потенцијалот на пазарот и влијанието на проектот.