Гугл го отпушта целиот тим на Пајтон, менаџментот сака поевтина работна сила


Во бранот отпуштања што ги спроведе Гугл во последните недели, компанијата го затвори целиот американски тим задолжен за Пајтон (Python), пренесува HT.

Одлуката е донесена како дел од стратегијата за намалување на трошоците, што всушност значи ангажирање работници надвор од Соединетите Американски Држави, по поевтини цени.

Според извештајот, Гугл планира да формира нов тим во Минхен, кој ќе ги преземе должностите на американскиот тим, но по многу пониска цена, пренесува Нова Економија.

Отпуштените членови на тимот го изразија своето длабоко разочарување, наведувајќи дека некои од нив поминале две децении во компанијата, опишувајќи го нивното работно место како „најдобрата работа досега“.

Тимот што беше отпуштен имаше помалку од десет членови и беше одговорен за повеќето проекти на Гугл поврзани со Пајтон, вклучително и стабилност на програмскиот јазик, ажурирање на илјадници пакети од трети страни и развој на систем за проверка.

Покрај програмерите на Пајтон, Гугл претходно отпушти работници од своите оддели за недвижности и финансии, додека финансиската директорка Рут Порат истакна во е-пошта до вработените дека компанијата „продолжува со пошироко реструктуирање“, фокусирајќи се на локации како Бангалор, Мексико Сити и Даблин.