ВМРО-ДПМНЕ тврди дека и Пендаровски е дел од мрежата за фалсификување партиски документи

Во врска со оваа афера, очекуваме Јавното обвинителство да ги испита сите наводи изнесени во медиумите, а, за изнесените лаги на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ ќе следува тужба за клевета, соопшти тимот за комуникации на претендентот за втор претседателски мандат, Стево Пендаровски

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со фалсификување на документи и имиња постои обид предизборно да се оцрни партијата и дека зад тоа стојат и државни институции.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски, денеска на прес-конференција посочи дека, според нив, дел од мрежата се актуелниот претседател и кандитат за втор мандат Стево Пендаровски, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, како и Асаф Еисин – консултант од Израел.

„Заедничка работа на овој тим управуван од Асаф Еисин, со одобрување на Пендаровски е да склопат и креираат наводни документи, фалсификувани листови, врз определени податоци, (на пример седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во декември, на која е споменат РИШ) па сето тоа да го зачинат, со лажни податоци за имиња, насоки и сето тоа со фалсификување на потписи на лица коишто се познати во јавноста, како и со лица кои што не постојат“,

тврди Стоилковски.

Тимот за комуникации на Пендаровски кој е во трка за втор претседателски мандат, остро ги демантираше овие наводи и најави тужба за клевета. Оттаму повикаа Јавното обвинителство да ги испита сите наводи изнесени во медиумите во врска со овој случај.

„Најрешително ги демантираме лажните наводи изнесени на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ во која се обвинува претседателот Пендаровски дека има некаква поврзаност со странски консултанти, а во врска со скандалот откриен од медиумите за активна операција на ВМРО-ДПМНЕ со цел фингирање на анкети заради манипулација на јавното мислење.

Според наводите во македонските медиуми, ВМРО-ДПМНЕ, немајќи реална политичка понуда, планирале противзаконски активности за манипулација на изборите преку креирање на лажни вести, злоупотреба на јавниот сервис, притисоци врз јавната администрација, или со други зборови, практикување на старите навики на партијата која ја имаше заробено државата со години“,

се вели во реакцијата.

Инаку, претходно од СДСМ обелоденија документи за кои тврдaт дека наводно покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за обезбедување документи, но и за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период беа објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ).

Делот од документот што ги објави СДСМ

До адресата на МВР стигнала кривична пријава поврзана со обвинувањата од страна на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува јавниот сервис МТВ за нарачани анкети.

Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) кој ги спроведе анкетите за рејтинзите и Македонската радио-телевизија ги отфрлија обвинувањата.

Пронајдете не на следниве мрежи: