Промоција на две книги со колумни на Васко Шутаров

По повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија, Вознесение Христово – Спасовден, во Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија, под покровителство на Општина Гевгелија, се организира културна програма, на која денес (26 мај, петок), во 20 часот, ќе бидат промовирани две книги од Васко Шутаров.

Книгите „Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината борба“ на Васко Шутаров, политиколог, поранешен пратеник и дипломат, колумнист и професор на МИТ Универзитетот, се збирки од колумни, објавени од книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, a финансиски помогнати од Општина Гевгелија.

Промотори на книгите се Елка Јачева-Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.

Во рецензијата за неговата збирка со карантински колумни, Јачева-Улчар ќе запише: „Она што остава посебен впечаток во колумните на Шутаров е неговата синтакса по која е препознатлив неговиот стил. Кажано со јазикот на синтаксичарите, Шутаров го разбива објективното реченично актуелно расчленување што ја подразбира линеаризацијата: тема + премин + рема, и прибегнува ту кон субјективната рема + премин + тема, ту кон рема + тема + премин. Токму последниов реченичен редослед е она што ја прави раскажувачката постапка на Шутаров особена и впечатлива, а на неговото четиво му дава извесен динамизам што придонесува кон тоа актуелните и мудри колумни на овој автор да се читаат во еден здив или кажано метафорично: како чашка жесток (интелектуален) пијалак испиен одеднаш до последна капка.

Авторот на оваа збирка колумни Васко Шутаров е доктор по политички науки и со значаен број активно поминати години во политиката, како парламентарната, така и дипломатската. И во тој контекст, неговиот интерес за актуелните политики на меѓународен и на домашен план, е сосема разбирлив. Но читајќи ги неговите колумни, разбирам дека неговото ’вјерују‘ е, сепак културата. И кога пишува за актуелни политички настани, за здравствени проблематики, за еколошки или за образовни проблеми, а посебно за неговите омилени теми поврзани со креирањето културни политики и културна дипломатија, рамката за негова опсервација е секогаш културолошкиот контекст на случување на нештата. И од таа рамка, изнедруваат сознанија кои можат несомнено да бидат не само корисно четиво за читателите на неговите колумни, туку и корисен потсетник за сите кои во моментов или во иднина ќе креираат политики.“

Настанот се организира во просториите на Хотел „Аполонија“ во Гевгелија.

You May Also Like