Сатиричната илустрација „Македонското прашање“ од 1903-та прикажува искрвавено македонско семејство пред Рајската порта. Делото е на познат италијански уметник и денеска ќе биде на светска аукција. На веб-страницата „Арт лексикон“, каде што е објавена оваа информација, се наведува дека уметникот/авторот на илустрацијата го критикува Османлиското Царство за ѕверствата врз Македонците, но во исто време ги критикува и христијанска Италија и Европа за нивното недејствување. „Така било тогаш, така е и денес. Единствената разлика е што Портата на рајот има поинаква форма – обоена е во сино и украсена со жолти ѕвездички“, вели Влатко Милошевски, авторот на веб-страницата и книгата „Лексикон на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 година“

Илустрација од 1903 година за нефер односот на Европа врз Македонците денеска ќе биде понудена на продажба од италијанската аукциска куќа „Фумети“

Сатирична илустрација од 1903 година, со наслов „Македонското прашање“ („La questione Macedone“), која прикажува искрвавено македонско семејство како тропа на Рајската порта, дело на Италијанецот Аугусто Мајани (1867-1959), познат под прекарот Насица, денеска ќе биде понудена на продажба од италијанската аукциска куќа „Фумети“. Аукцијата е закажана за 15 часот, а оригиналната илустрација е под реден број 252, со почетна цена од 300 евра.
Продажбата на ова ретко дело, кое има метафорично значење и може да се толкува и денес во светлината на влезот на Македонија во Европската Унија, сосема случајно (или можеби не!) се совпаѓа со денешниот датум 9 Мај – Денот на Европа, воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ.

За сите народи важат едни правила, само за Македонците други!

Илустрацијата „Македонското прашање“ е објавена на веб-страницата (која подоцна прерасна во книга) „Лексикон на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 година“, на која се објавуваат дела на странски сликари што биле инспирирани во творештвото од престојот во Македонија. Автор на страницата и на книгата е Влатко Милошевски, по професија инженер по електротехника, кој живее во Холандија. Во лексиконот се застапени над 250 сликари и над 500 фотографии.
– За сите народи важат едни правила, само за Македонците други – оваа мисла ми доаѓа на ум кога ја гледам нашата голгота кон патот кон ЕУ. И не е вака само денес. Вака било и пред повеќе од еден век. Кон крајот на 19 век, Отоманското Царство почнало да слабее. Империјата влегла во економска криза. Султанот бил исцрпен од долгогодишните Кримски војни со Русија. На царството му се заканувал распад. За да го стабилизира царството, султанот почнал да им дели автономии на народите што живееле таму. Само Македонците не добиле автономија. По падот на Крушевската Република во 1903 година, османлискиот аскер оди од село во село во Македонија и врши масовни ѕверства. Во посткрушевскиот период, Македонија гори и крвави. Јавноста во Европа го гледа тоа со згрозување, но не презема ништо. Султанатот им е сојузник на САД и Австро-Унгарија, кои го гледале султанот како браник кон Русија. Европските дописници праќаат извештаи кон нивните весници за големите злосторства врз Македонците. Но тоа не менува ништо. За Македонците и тогаш важеле други правила – вели Милошевски по повод продажбата на илустрацијата.
Како што појаснува тој за историјатот на цртежот, некои критични новинари и илустратори објавувале критики кон овој нефер однос на Европа врз Македонците, а еден од нив бил Италијанецот Аугусто Мајани (1867-1959), познат под прекарот Насица.
– Мајани магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Болоња како студент на познатите сликари Џорџи Моранди и Бруно Саети. Тој бил меѓу најценетите илустратори во неговата ера, дефиниран како карикатурист на интелектуалците. Неговите карикатури и илустрации биле објавувани во списанијата „Италија риде“, „Новисима“, „Фантасио“, „Ла летура“ и „Ил Секоло XX“. Во 1903 година Насица ја изработува сатиричната илустрација „Македонското прашање“ („La questione Macedone“), каде што искрвавено и мртво македонско семејство тропа на Рајската порта – објаснува Милошевски.
Според него, Рајската порта има исламски облик затоа што во тоа време, тоа била портата на султанот, кој им давал слобода и автономија на оние што тропале на портата. Но не и на Македонците. Текстот на илустрацијата гласи: „За тој што чука ќе се отвори, но не и за оној што тропа“ – прв стих од Куранот“. Текстот на Насица е карикирана верзија на текстот од Библијата – житие на Матеј: „Побарајте и ќе ви биде дадено; барај и ќе најдеш; чукајте и вратата ќе ви се отвори. Зашто секој што бара добива; тој што бара наоѓа; а на оној што чука ќе му се отвори вратата“.
– Насица карикира со наводна исламска верзија на овој пасус. Со тоа го критикува и исламот како олицетворение на Османлиското Царство за овие ѕверства врз Македонците, но во исто време ги критикува и христијанска Италија и Европа за нивното недејствување да ги спречат овие ѕверства и да им дадат на Македонците исти шанси и правила што ги имале другите европски народи. Така било тогаш, така е и денес. Единствената разлика е што Портата на рајот има поинаква форма – обоена е во сино и украсена со жолти ѕвездички – вели Милошевски.

Влатко Милошевски ќе наддава на аукцијата за Македонец колекционер од САД

Оригиналната илустрација на Насица, „Македонското прашање“, во овој момент е понудена на продажба од италијанската аукциска куќа „Фумети“. Аукцијата е закажана на 9 мај во 15 часот. Илустрацијата е под реден број 252, со почетна цена од 300 евра. Според информациите на страницата на аукциската куќа, станува збор за техниката: молив, мастило, акварел и темпера на картон, со димензии 29,5 x 31,5 см. Авторот е потпишан. Во извештајот за состојбата на делото се наведува дека има мали превиткувања и дупки на рабовите и дека нивните експерти не се професионални реставратори, па за детален извештај препорачуваат потенцијалниот купувач да контактира со реставратор кому му верува.
Милошевски вели дека ќе наддава на аукцијата, а доколку успее да ја купи, како што додава, ќе му ја даде на свој пријател Македонец колекционер што живее во Америка.
Инаку, „Лексиконот на странски сликари во Македонија“, кој излезе и во печатена форма, почна како онлајн проект, еден од највпечатливите што се појавиле во дигиталниот простор во последно време. Веб-страницата е посетена од околу 150.000 читатели годишно, што на некој начин го прави Лексиконот да биде најпосетена виртуелна ликовна изложба во историјата на Македонија. Потоа Милошевски ја отвора и страницата на Лексиконот на Фејсбук, со поинаков концепт.

Некои критични новинари и илустратори објавувале критики кон нефер односот на Европа врз Македонците, а еден од нив бил Италијанецот Аугусто Мајани (1867-1959), познат под прекарот Насица, меѓу најценетите илустратори во неговата ера, дефиниран како карикатурист на интелектуалците. Во 1903 година тој ја изработува сатиричната илустрација „Македонското прашање“

Секој викенд објавува кратки приказни со кои се претставува некој од сликарите, како и македонските дела на тој сликар. Тој добива пораки од читателите дека за нив веќе станало ритуал саботното или неделното утро да го почнат со кафе и приказна од Лексиконот. Овој масовен интерес го поттикна да го објави Лексиконот и во печатена форма.
Во минативе петнаесетина години тој речиси секој ден посветува околу пет часа во пребарување на музејските архиви на музеите во Лондон, Париз, Вашингтон, Виена, Берлин, Будимпешта, Белград, Загреб, Софија итн. За многу сликари во Лексиконот некогаш било потребно да поминат години за да се дојде во контакт со вистинскиот човек или да се појави вистинската книга или референца што ја содржи бараната информација. Резултатот е повеќе од импресивен. „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“ содржи информации за над 250 сликари и над 500 фотографии од нивните македонски дела. Книгата е напишана на македонски и англиски јазик и е испечатена на висококвалитетна хартија, со тврд повез. Тоа ја прави идеален подарок за нашите странски пријатели и многу оригинален културен, историски и туристички промотор на Македонија.
Лексиконот не е интересен само за заинтересираните за историја на уметност, затоа што приказните се напишани така што го предизвикуваат љубопитство дури и на некој што е комплетно „неедуциран“ за оваа проблематика.
– Во приказните, на еден денбрауновски начин, историите на уметничките дела се шират индиректно, заплеткувајќи се во многу важни историски, општествени, уметнички и политички контексти. Некои од нив имаат карактер на трилер или аура на фантастичност околу нив, но во целост се базирани на веродостојни податоци и исцрпни истражувања. Фејсбук-нацијата има краток распон на внимание. На Фејсбук мора да го зграпчите вниманието на читателот со првите зборови од приказната и да бидете концизен. Потребно е да се најде вистинската мешавина на историја, уметност и лична драма за да се предизвика посакуваниот ефект: пријатно изненадување, љубопитност и гордост кон нашиот ликовен аманет – вели Милошевски.
Тој и самиот поседува богата сопствена колекција на уметнички дела, а сите дела се купени пo аукциски куќи низ целиот свет. Како што вели, воопшто не е лесно да се победи во наддавањето.

– На пример, за едно македонско дело на некој француски сликар постои интерес и од локалната француска публика и од музеите во кои тој сликар е застапен и од грчките или бугарските колекционери, кои исто така собираат уметнички дела поврзани со Македонија. Цената е исто така многу значаен фактор. Кога цената на некоја слика ќе ја надмине границата што можам да си ја дозволам, со голема тага го гледам делото како оди во непознат правец – вели Милошевски, кој секое дело го поврзува во мислите со животните приказни на сликарот или со историските настани околу тој сликар.