EPA-EFE/JOEL CARRETT

Тенисерката Гарбиње Мугуруза, некогаш број еден во светот, објави дека се повлекува од белиот спорт, а во Мадрид одржа проштална конференција.

Последниот меч Шпанката го одигра на 30 јануари 2023 година и од тогаш е во серија од шест порази.

После тоа малку се повлече од јавноста, реши да се посвети на порелаксиран живот и да ужива на егзотични дестинации, а повредите ја оттргнаа од тенисот.

Долго време се шпекулираше дали Мугуруза воопшто ќе му се врати на тенисот, а сега на 31-годишна возраст објави крај на професионалната кариера.

  • Чувствувам дека дојде моментот да се збогувам. Тоа беше долга, убава кариера, полна со моменти и анегдоти, можам да кажам илјада од нив. Време е да се пензионирам на 30 години, иако мислам дека е премногу сурово да се користи тој збор. Ова е почеток на нова ера за мене. Да ми кажеше некој дека ќе освојам грен-слем титула, дека ќе бидам прва во светот… нешто неверојатно. Најмногу сум горда на фактот што се спротивставив на тешките времиња, истакна Мугуруза на прес-конференцијата.

Шпанката родена во Венецуела освои две грен-слем титули – на Ролан Гарос во 2016 година и на Вимблдон во 2017 година, а покрај тоа играше уште две грен-слем финалиња. Во кариерата освои вкупно 10 титули, а прва во светот беше во септември 2017 година.