(ФОТО+ВИДЕО) Можеби половина час ја држев мечката за уши и потоа ја оттурнав – раскажува нападнатиот 61-годишник

„Едно време сакаше да ме фати за стомак и Господ ми даде сила, не знам како, ја грабнав за уши. Ја држев така, не знам колку време, може пола саат да беше, не знам точно. Се уплашив и така ја држам, ја држам и Господ ми даде некоја сила, не знам како, и ја турнав со рацете. Кога ја турнав така, одма станав и заминав до колибата и тогаш нозете ми се здрвија“, објаснува Србиновски

Шеесет и едногодишниот Цане Србиновски, жител на селото Дреновци во Општина Долнени, кој претрпе напад од мечка, четири дена подоцна ја раскажува приказната како се одбранил.

Тој во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, раскажува дека нападот се случил во неделата, а оти неговото семејство го нашло дури во понеделникот.

„На сам ден Благовец, вечерта ги терав говедата кон трлото и кога тие одминаа јас со малите телиња одев позади и подвикнував по нив. Потоа одеднаш излезе пред мене мечката и ме фати за левата нога и јас паднав на грб. Преку чизмите што ги носев ме фати за ногата“,

раскажува Србиновски.

Потоа не знаев што да правам, додава Србиновски, со главата тргна кон мене, а јас бев под неа.

„Не знам како се извлеков од под неа и со десната нога ја удрив по муцката и ми ја пушти ногата. Но, веднаш ме фати пак за левата нога, а со шепата ме фати за десната нога и имам мала рана. Тогаш и со левата нога успеав да ја удрам. Едно време сакаше за стомак да ме фати и Господ ми даде сила, не знам како, ја грабнав за уши. Ја држев така, не знам колку време, можеби пола саат да беше, не знам точно. Се уплашив и така ја држам, ја држам и Господ ми даде некоја сила не знам како и ја турнав со рацете. Кога ја турнав така, одма станав и заминав до колибата и тогаш нозете ми се здрвија“,

раскажува тој.

Србиновски на прашањето дали мечката била голема рече дека не знае, затоа што не ја видел убаво.

Но, она што го знае е дека има повреди на левата нога на зглобот и оти сега ќе треба да оди на операција.

По разговорот со Србиновски, директорот на ЦУК, Ангелов, рече дека работат на решавање на проблемот со мечките, за кои тој вели дека во последните години ги има сè повеќе.

„Работиме на решавање на проблемот со мечките. Во последните години нивниот број е зголемен. Мечка што нападнала човек треба да се отстрани бидејќи може повторно да нападне. Ние ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето“,

рече Ангелов.

Минатата година често имаше присуство на мечки во близина на населени места. 

На крајот на септември минатата година Општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста што тие ја имаат по локалното население.

Изминатите неколку месеци имаше повеќе случаи во кои мечки настрадаа откако беа удрени од автомобил. Последниот беше регистриран на 2 декември, минатата година, кога млада мечка беше удрена од возило на патот Тетово – Непроштено додека со уште една поголема и две помали мечки го минувала патот.

Освен на патиштата, имаше и инцидент во кој возрасен маж беше повреден откако бил нападнат од мечка на потегот помеѓу селата Пласница и Ораоец во Општина Македонски Брод. Го спасија ловџии кои случајно се затекнале на местото.

- Реклама -