Тој рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но, како што нагласи, со почитување на добрососедство и пред сè врз Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, што би значело промена на уставот
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во својата првична реакција на исходот од претседателските и парламентарните избори во Македонија, не упати честитки до победниците Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, но нагласи дека многу брзо ќе станело јасно дали новиот претседател и партијата ќе работеле за европската перспектива на земјата или ќе заземеле друг правец.
Тој рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но, како што нагласи, со почитување на добрососедство и пред сè врз Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, што би значело промена на уставот.
„Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен. Како што беше со претседателите Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со госпоѓата Силјановска. Како што беше со СДСМ, така ќе биде и со ВМРО-ДПМНЕ. Отсекогаш сум ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, но со почитување на принципите на добрососедство и пред сè врз Копенхашките критериуми за членство, што би значело промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари, отфрлање на јазикот на омразата што дивееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство во оваа земја“,
рече Радев, јави бугарската агенција БГНЕС.
ВМРО-ДПМНЕ на вчерашните парламентрани избори извои убедлива победа со освоени 58 пратенички мандати.
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, пак, на претседателските избори освои убедлива предност со над 300 илјади гласа пред нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски поддржан од СДСМ.
Таа во својот говор по затворањето на гласачките изборни кутии, истакна дека како претседателка ќе се обиде да стави крај на балканизацијата.
„Да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да се обидеме да помагаме едни на други. Не можете во политика со емоции да се однесувате. Мора да почнеме меѓусебно да се разбираме, да се помагаме, да не посегаме по вето, туку да посегаме по поддршка. Затоа јас реков дека моите патишта прво водат на Балканот, се разбира, Брисел тука е неизоставен. Знам дека ќе направам сè да ги бранам државните и националните интереси“,
истакна Силјановска-Давкова.