По првиот круг на претседателските избори, судејќи според освоените гласови, граѓаните ги казнија СДСМ и нивниот кандидат Стево Пендаровски. Тој освои 180, 306 гласови или 19,93 проценти од вкупниот број на гласовите, додека неговиот најголем ривал во трката, противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова, зад кој застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ, извојува исклучително голема победа и освои 362.682 гласови или 40,07 проценти од гласовите.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, по објавувањето на првите неофицијални резултати изјави дека јасно е дека луѓето ги казнија и дека го прифаќа тоа, но порача и дека нема да се откажат.

Пендаровски, пак, порача дека нема да прави договор со ниту еден од оние кои не продолжуваат во вториот круг за т.н. механичко префрлување на гласовите за вториот круг на 8 мај.

Александар Кржаловски од МЦМС за весникот ВЕЧЕР вели дека изборните резултати, пред сè, се демонстрација на незадоволство на македонските гласачи од политиката на владејачката партија СДСМ и актуелната влада, иако, како што дополнува за разлика од македонскиот блок кај албанските политички партии ситуацијата е поинаква и таму победи претседателскиот кандидат на владејачката ДУИ.

Според него за резултатот на СДСМ придонеле случувањата на политичката сцена со уставните измени кои се бараат од земјава за да продолжи со отворање на преговорите со ЕУ, но и од неказнивоста на криминалот и корупцијата, кои во изминатите години станаа доминантен проблем на македонското општество.

-Се гласаше за Пендаровски, но главната порака е насочена кон СДСМ или кон актуелната влада. Но, тоа не е рефлектирано во албанскиот блок каде што ДУИ многу подобро помина од очекувањата, така што казната е испорачана само кон СДСМ во овој случај. Во прашање се две клучни работи, а тоа е прашањето со уставните измени и неспособноста да се истурка веќе кога се прифати таков предлог кој ВМРО-ДПМНЕ не беше спремен да го поддржи и додржа до крај да не се осипе пратеничката група и некој да гласа за нив.  И втори и побитното по мене е криминалот корупцијата кои во овие години станаа доминантен проблем во општеството, а Владата, предводена од СДСМ, малку направи на тоа поле вклучително не ги казни дури и корумпираните политичари од претходната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, вели Кржаловски

Како и да е изборниот резултат го отвора прашањето дали победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател кажува каков епилог може да се очекува во вториот круг претседателски и на парламентарните избори кои ќе се одржат во ист ден, на 8 мај?

Кржаловски вели дека бројките укажуваат дека амбицијата ВМРО-ДПМНЕ да има 61 пратеник не е нереално  и дека може да се очекува натамошно зголемување на разликата меѓу гласовите за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ.

-Тешко дека ќе се стигне до 61 пратеник и покрај оваа убедлива победа во првиот круг на претседателските избори. Досега ниедна анкета не предвидуваше повеќе од 55 пратеник, но и тоа ќе биде доволно да се формира влада, особено ако Максим Димитриевски од ЗНАМ го повтори својот успех од првиот круг на претседателските избори  и тоа веќе ќе е доволно ВМРО-ДПМНЕ  и ЗНАМ, доколку се договорат уште во старт да имаат мнозинство за влада.  Во тој случај нема да е многу битно кој ќе е албанскиот партнер. Секако за ВМРО-ДПМНЕ посакуван партнер е Вреди.

За разлика од јасниот финиш во македонскиот кампус, резултатот во албанскиот изборен дуел е поинаков и процентуалната разлика помеѓу Бујар Османи од ДУИ  и Арбен Таравари од Вреди не е толку голема, па прашање е дали може да биде подложна на пресврти на парламентарните избори, иако психолошкиот момент сепак е на страна на ДУИ.

Кржаловски вели дека изборниот резултат покажува дека ДУИ е во сигурно водство, а дека прашање е само колку ќе биде разликата на парламентарните избори меѓу интегративците и Вреди. Ако се повтори овој резултат, според него, соодносот ќе биде 15 спрема 10 пратеници во Парламентот во корист на ДУИ.

По изборниот резултат, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се залага за национално обединување, во средата рече дека се подготвени да разговараат со секој кој се противи на политиките на СДСМ и ДУИ. За лидерот на здружената албанска опозиција „Вреди“, Арбен Таравари, разликата по првиот круг претседателски избори  не е толку голема, но тие сè уште немаат одлучено кому ќе му дадат поддршка во вториот круг, дали на Пендаровски или на Силјановска-Давкова.

Аналитичарот Агим Јонуз, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека треба да се почека и да се види  како ќе се одвиваат нештата во следните две недели. Нагласува дека во политиката се е можно иако, што се однесува на албанскиот блок, нè очекува значајни разлики кај албанските партии.

-Не очекувам дека ќе има драстична разлика понатаму, но во секој случај бројот на гласови што го зема албанската опозиција покажува дека тврдината наречена ДУИ полека се тресе. И тоа не е играчка, вели Јонуз.

Што се однесува на тоа со која  од  партиите во албанскиот блок евентуално би можела да коалицира ВМРО-ДПМНЕ, Јонуз вели дека сите опции се отворени, но  додава дека за една  година може да ни се случи  повторно да има избори ако не се  донесат уставните измени кои се во фокусот на албанските партии и кои се бараат од Македонија за да продолжи со отворање на поглавјата со ЕУ.

-Повторно ќе влеземе во истиот филм како што беше и на минатите избори, реално ВМРО-ДПМНЕ победи во однос на СДСМ, но не му дадоа да направи Влада и мислам дека истиот филм ќе се игра и овој пат. Прерано е да се дискутира зашто се е можно. ВМРО-ДПМНЕ и покрај тврдиот став дека нема да работи на уставни измени е соочена со притисок на меѓународниот фактор  што значи дека сакала-нејќела ќе мора да го продолжи евроинтегративниот пат и ќе мора да играат како што сака Европа, во спротивно ќе има за една година повторно избори, оценува Јонуз.

(М.С.)