Македонија
Почна постапката за собирање потписи за листи на кандидат за претседател на државата
Денеска, почна постапката за собирање потписи за листи на кандидат за претседател на Република Северна Македонија.
Како што соопшти Државната изборна комисија, потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат во подрачните одделенија и во канцелариите на ДИК на територијата на Република Северна Македонија.
Работното време на подрачните канцеларии на Државната изборна комисија е секој ден од 8 до 20 часот, вклучително и во деновите сабота и недела и за празници.
Постапката за собирање на потписи ќе трае до 8 март до 24 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова со хрватската амбасадорка Тигањ: двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата се разговараше за одличните билатерални односи коишто се одликуваат со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, претседателката истакна дека двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко.
Сиљановска Давкова упати честитки до премиерот Андреј Пленковиќ по повод формирањето на новата Влада во Република Хрватска.
Ја истакна важноста на цврстата и континуирана хрватска поддршка за македонскиот евроинтегративен процес како најдобар пат за развојот на регионот и за стабилноста на Европа.
Таа ја нагласи и посветеноста на двете земји како НАТО сојузници за промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот за меѓународните мировни операции.
Македонија
Евроамбасадорот Гир не сакаше да ги коментира случувањата во ДУИ
Нема да коментирам внатрешнополитички случувања и изјави на лидери во земјата, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, прашан од новинарите како ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека дека со нивното невлегување во власта се прекршува Охридскиот договор.
Гир потоа рече дека она што е важно е дека според прелиминарната оценка на меѓународните набљудувачи, изборите беа демократски и се случија во мирна атмосфера.
„Го чекаме конечниот извештај на Меѓународната набљудувачка мисија, кои имаат заклучоци и препораки што е важно натаму да бидат спроведени. Сакаме да видиме формирање на стабилна влада што е можно поскоро. Сакаме да видиме и по формирањето на Владата, таа да ги засука ракавите и ќе ги спроведе реформите, како и нивна посветеност на европскиот пат. Да можеме колективно да работиме на заложбата и ветувањето на младите за да ја реализираме нивната европска иднина колку што е можно поскоро. Со тоа мислам на ЕУ тука во Македонија“, рече Гир.
Прашан и дали смета дека секоја партија која нема да биде дел од власта, како што е ДУИ треба да ја прифати таа реалнонст, Гир повтори дека нема да коментира внатрешни политички случувања.
Македонија
ДУИ навредена од ВМРО-ДПМНЕ: Владата не е нивна играчка
Демократската унија за интеграција преку соопштение објави дека е скандализирана од, како што велат, навредливиот наратив на ВМРО ДПМНЕ кој го потврдува флагрантното кршење на изразената изборна волја на албанскиот народ и другите етнички заедници, чие соединување во Европскиот фронт се покажало како втора политичка сила во државата.
„За скандалозниот израз ‘Ахмети да престане да се однесува како палаво дете кое плаче за играчка која не е негова’, на ВМРО ДПМНЕ треба да им биде јасно дека Владата не е играчка во нивни и ничии раце и кршењето на волјата на суверенот е антидемократски чин и против Охридскиот договор“, велат од ДУИ.
Како што се додава, Демократската унија за интеграција останува доследна на својот став за почитување на гласот на албанскиот народ и другите етнички заедници, бидејќи тоа е единствената гаранција за стабилност и прогресивен континуитет на земјата.
„Оваа земја е заедничка и секој треба да придонесе за здрави меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и партнерство со Соединетите Американски Држави. Никој да не мисли дека народот ќе дозволи враќање назад од започнатиот пат на еднаквоста и европскиот пат! Целосниот изборен и демократски легитимитет и кредибилитет му припаѓа на Европскиот фронт и безусловното вазалство на губитниците е предодредено да пропадне бидејќи ја нема поддршката од народот“, додава ДУИ.
—