Кобни пет минути на Струмица за трета победа на Работнички во низа

Работнички стигна до третата победа во Првата кошаркарска лига откако во 7. коло славеше на гостувањето кај Струмица со 84-92. Струмичани одлично му парираа на фаворизираниот противник, но пет минутниот пост во последната четвртина донесе двоцифрена предност за нашиот најтрофеен тим и трет триумф едно по друго.

Двата тима беа расположени во реализацијата на самото отварање на натпреварот, а и покрај тоа што домашниот состав ја превзема иницијативата и успеа да направи блага предност (15-10), не успеа да ја задржи истата по првата четвртина. За Работнички одговорија Џексон и Малешевиќ па со поените на Србинот скопскиот состав ја превзема предноста 20-21 по 10. минути игра. Струмица навремено ги консолидираше своите редови и не само што продолжи да му парира на фаворизираниот противник во втората четвртина, со серијата од 6-0 во последните минута и пол успеа минималниот заостаток (41-42) да го претвори во предност од 47-42 на полувремето.

Струмичани продолжија во ист ритам на отварањето на второто полувреме во кое преку Бесок стигнаа и до двоцифрена предност (52-42), но како што одминуваа минутите Работнички успеа да се врати во игра благодарение на Џексон и неговите осум поени. Нему му се приклучија и соиграчите во „црвено-бело“ па високата негатива се претвори во преднсот од 56-62. Крстевски и Стаменковиќ не дозволија двоцифрена предност, одиграа одлично до крајот на третата четвртина па во одлучувачките десет минути Работнички влезе со позитива од само еден поен (70-71). Во нив преовлада одбраната на скопскиот состав кој дозволи само еден поен за речиси пет минути игра, период во кој гостите стигнаа до двоцифрена предност (75-87) која беше преголем залак за „сино-белите“.

Српското дуо Крстајиќ-Стаменковиќ ја предводеше Струмица со 22 поени и 6 асистенции, односно 21 поен и 11 скока, додека дабл-дабл учинок од 23 поени и 11 скока за Работнички забележа Форте. Со 21 поен мечот го заврши Џексон, а 20 поени и 9 скока запиша Малешевиќ.

Се вчитува...