Избор Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва на МРТ 1, прво и единствено соочување на сите седуммина претседателски кандидати

Скопје, 21. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва на програмата на МРТ 1 ќе се одржи првото и единствено соочување на сите седуммина претседателски кандидати.

Периодов наназад во јавноста имаше повеќе информации за тоа кој ја прифатил поканата за соочување. Поканата ја прифати и актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски, иако вели дека останува на ставот дека треба да се расчисти случајот со индиции за лажни анкети за рејтинзите на кандидатите и партиите поврзан со Македонската радиотелевизија.

– Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на Националниот јавен сервис, Македонска радио телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата. Останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Поддршка од граѓаните бараат седум кандидати. Оној кој ќе ја добие довербата, од вила „Водно“, во текот на следните 5 години ќе ја извршува функцијата Шеф на државата.

На овие избори учествуват актуелниот претседател Стево Пендаровски, како кандидат поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска- Давкова со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска од „Левица“, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, и Максим Димитриевски од „Движењето ЗНАМ За наша Македонија“.

Првиот круг од претседателските избори се закажани за 24-ти април. На 8-ми мај, заедно со парламентарните избори, ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука