Средношколци од Србија завршиле во болница по патување во Охрид

од Nikola Popovski

Дванаесет ученици од гимназијата во српскиот град Прокупље побарале лекарска помош во тамошниот Здравствен дом поради стомачни проблеми, откако во петокот вечерта се вратиле од Охрид, каде биле на патување. Од вкупниот број примени средношколци, двајца се задржани во дневната болница, двајца се на болничко лекување, а осум ученици по укажаната лекарска помош биле пуштени дома.

Натали Николиќ, портпаролка на Здравствениот дом Топлице, во изјава за српските медиуми порачала дека се уште не е јасно за што станува збор, само дека учениците се на на Одделенијата за дијагностика и опсервација.

„Се уште не можеме да кажеме која е причината за овие тегоби, но се работи за стомачни проблеми и симптомите кај сите деца се слични“, велат од таа здравствена установа во Прокупље.

Срѓан Ковачевиќ, директор на гимназијата во Прокупље, потенцирал дека се уште не е позната причината за здравствените проблеми на децата и оти се чека официјална информација од болницата, по што училиштето ќе излезе со соопштение.

Вкупно 99 ученици од трета година во гимназијата биле на патување во Македонија. Како што пишуваат српските медиуми, причината за екскурзијата на средношколците била патување кај братско училиште од Крива Паланка.

Слични содржини