Барањето за ново судење, како што изјави Јовановски на прес-конференција, го темели на нови околности и докази што произлегле од постапката која се водела пред Основниот граѓански суд по тужба на Јордан Орце Камчев
Тој изрази надеж дека Основниот кривичен суд ќе ги прифати наводите од барањето за повторување на постапката, од која очекува, како што рече, да се утврди вистината и целата јавност да дознае што се случило со парите за кои е осуден на долгогодишна затворска казна
Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 бара ново судење за случајот „Рекет“, во кој тој како првообвинет е осуден на деветгодишна затворска казна која е правосилна откако беше потврдена од Апелацискиот суд во Скопје.
Јовановски денеска во Основниот кривичен суд Скопје го поднесе барањето за повторувањето на кривичната постапка за предметот, а по тој повод свика и прес-конференција на која ги образложи причините поради кои се одлучил на овој чекор кој, како што рече, го дозволуваат одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП).
За потсетување, во случајот „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Во истиот предмет на седум години затворска казна беше осудена и поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Првостепената пресуда Кривичен беше донесена на 18 јуни 2020 година, а Апелација ја потврди една година подоцна и за тоа информира на 21 јули 2021 година.
Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор.
Според обвинението и пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 СЈО ја отворило истрагата „Империја“, биле барани пари од осомничениот бизнисмен Орце Камчев, со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притворот, враќање на пасошот, но и евентуално својство на заштитен сведок или склучување спогодба. Обвинителството тврдеше, а судечкиот совет во првостепената постапка ги прифати наводите дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милиони евра.
Барањето за ново судење, како што изјави Јовановски на прес-конференција, го темели на нови околности и докази што произлегле од постапката која се водела пред Основниот граѓански суд по тужба на Јордан Орце Камчев.
„Дека барањето е основано говори фактот што се појавија нови околности и нови докази коишто не беа употребени во доказната постапка пред Основниот кривичен суд. Имено по стапување во правосилност на пресудата од Основниот граѓански суд каде што тужител беше сведокот од кривичната постапка Јордан Камчев се докажа дека при побарување на евентуалното оштетно побарување што го изрази пред Основниот граѓански суд дека не може човек којшто сторил неправо да бара право во една смисла и дека не се утврдени елементи за да добие статус на оштетен и да добие назад средства коишто беа неутврдени со правосилната пресуда на Основниот кривичен суд, односно со пресудата каде што сум јас осуден на девет годишна казна затвор за примање награда за противзаконско влијание“,
рече Јовановски.
Образложувајќи ги новите околности, тој рече дека треба да се утврдат нови елементи кои произлегуваат од економското вештачење, кое Камчев го приложил во граѓанската постапка и, според Јовановски, не кореспондираат со наводите од образложението на пресудата за „Рекет“ од Кривичен. Тој тврди дека постои целосна противречност на исказите што биле дадени од Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева и благајничката Мирајна Бошковска во постапките во Кривичниот и во Граѓанскиот суд.
Според Јовановски, Јордан Камчев и неговата сопруга Аана Камчева, како сведоци во кривичната постапка, рекле дека мајката на бизнисменот, Ратка Куновска-Камчева, дала 350 000 евра од оние 1,5 милиони евра за кои тој е осуден што, пак, таа го негирала во постапката во Основниот граѓански суд.
„Таа пред Основниот граѓански суд кажа дека не дала никакви средства и дека Јордан и Ана Камчеви си имаат сопствени средства и нема зошто да им позајмува, дека тие имале фамилијарни односи и си позјамувале, дека за конкретниот настан како што беше опишано дека таа ги предала во некаков си несесер на Ана Камчева таа го негираше тоа категорично и основаноста на ова барање за повторување на кривичната постапка е согласно закон и согласно одредбите од Законот за кривична постапка“,
изјави Јовановски.
Тој изрази надеж дека Основниот кривичен суд ќе ги прифати наводите од барањето за повторување на постапката, од која очекува, како што рече, да се утврди вистината и целата јавност да дознае што се случило со парите за кои е осуден на долгогодишна затворска казна.
„Се надевам дека Основниот кривичен суд ќе има за доблест да ги прифати наводите, да ја повтори постапката и при таква постапка конечно да се утврди и целата јавност да дознае што се случило со тие средства, каде завршиле, поради тоа што материјалната вистина во овој кривично-правен предмет ниту беше утврдена, дотоклку повеќе се судеше само врз основа на шпекулации“,
рече тој.
Пресудата за случајот „Рекет“ според Јовановски е донесена врз основа на шпекулации и разни теории на случајот што тогаш во јавноста ги изнесувала поранешната шефица Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) која го водеше предметот.
„Како ќе и се погодеше денот, така зборуваше различни приказни во смисла на тоа каде завршиле тие средства. Еднаш велеше дека завршиле во домот на родителите на Бојан Јовановски, за веќе вторпат да каже дека било поминато време и дека биле потрошени на телевизијата, за третпат да каже дека гардеробата којшто сум ја купувал и со којашто сум патувал дека таму завршиле. Така што тоа се три различни верзии од надлежен јавен обвинител во мандатно време, заради коишто ние сме правосилно осудени. Во кривичната постапка не беа утврдени уште неколку факти, особено што Зоран Милевски-Кичеец којшто призна вина и којшто го отвори патот за осудителна пресуда никогаш гласот му го немаме слушнато, а денеска тврдам и од оваа дистанца и тогаш, но во различна позиција бев дека да го прашате Зоран Милевски-Кичеец што признал и кое битие на кривично дело го признал нема да знае да ви одговори“,
изјави Јовановски додавајќи дека Кичеец првично бил еден од тужените во граѓанската постапка, но потоа Јордан Камчев ја повлекол тужбата против него.
Со барањето за ново судење за „Рекет“, тој рече дека не се работи за негово лично добро, туку се работи за доброто на целото општество бидејќи, како што кажа, за случајот „стоеше една цела политичка консталација на притисоци“.
Како дополнителен куриозитет, кој досега не бил експлоатиран во јавноста, Јовановски го наведе и тоа што бил осуден за кривично дело по член 359 од Кривичниот законик кое е предвидено за лица кои имаат службена положба, а тој е цивилен граѓанин.
„По член 359 од КЗ досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски. Третиот суден за ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што Сашо Мијалков и Никола Груевски вршеле службена положба, а јас сум бил цивилен граѓанин, но немајќи доволно докази ниту факти во поткрепа на тоа обвинение од страна на сега разрешената, не е суспендирана и не е пензионирана туку е разрешена Вилма Русковска, која што направи една самоппромоција од само за неа, а и на мене познати причини, го направи тоа обвинение такво за да спаси некого, а себеси да се издигне и да излегува најнесериозно и да ги дава оние тврдења коишто ги споменав предмалку да не ги повторувам во однос на најважниот, круцијалниот и квалификаторниот момент во ова кривично дело, а тоа се парите, бидејќи на крајот на краиштата сите не интересира каде се парите. Одговорот мислам дека многу добро го знае Русковска, каде се парите, го знае Јордан Камчев, го знаат неколку политичари каде се парите, а одговорот некаде го знам и јас поради тоа што на крајот на краиштата сум учестувал во сите тие дејствија и тоа не го спорам“,
рече Јовановски.
Инаку, Бојан Јовановски во моментов е на слобода откако доби прекин на издржувањето на затворската казна во скопскиот затвор „Идризово“ поради здравствени причини.
Во меѓувреме Апелацискиот суд за него и за уште неколкумина обвинети го врати на повторно судење предметот „Меѓународен сојуз“ во кој Јовановски првостепено беше осуден, исто така, на деветгодишна затворска казна за кривичните дела измама и перење пари.