Фото: ЕПА

Американскиот Конгрес ноќеска го одобри пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, што се случи по неколкумесечен застој заради спротиставувањето на тврдото крило во Републиканската партија – објави ДПА.

Во американскиот безбедносен пакет помош, вреден вкупно 95 милијарди долари, покрај Украина, опфатени се и Израел и Тајван, додаде германската агенција. Пакетот помош предвидува 61 милијарда долари за Украина, 26 милијарди за Израел и околу 8,12 милијарди за „спротивставување на комунистичка Кина“ во Индо-Пацификот.

За усвојување на законот гласаа 79 сенатори, додека 18 беа против, што е многу повеќе од потребното мнозинство во Сенатот од 100 членови за законот да биде усвоен.

Според уставната процедура законот сега треба да го потпише и претседателот на САД, Џо Бајден.

-Ќе го потпишам овој предлог-закон и ќе му се обратам на американскиот народ штом ќе стигне утре за да може уште неделава да почнеме со испраќање оружје и опрема во Украина – рече Бајден кратко по гласањето, додавајќи дека сака да започне со испорака на оружје и опрема за Украина оваа недела.

– Со усвојувањето на законодавниот пакет, кој вклучува и милијарди долари помош за Израел и Тајван, американскиот Конгрес ја покажа моќта на американското лидерство во светот – рече Бајден.

-Ние одлучно се залагаме за демократија и слобода и против тиранијата и угнетувањето, додаде американскиот претседател. Овој закон ќе ги направи нашата нација и светот побезбедни бидејќи ги поддржуваме нашите пријатели кои се бранат од терористи како Хамас и тирани како Путин – рече Бајден.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на американскиот Сенат „за одобрувањето на виталната помош за Украина“.

-Ова гласање ја зајакнува улогата на Америка како светилник на демократијата и лидер на слободниот свет – изјави Зеленски, а пренесе ДПА.

Претходно вчера, портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, им изјави на новинарите во Вашингтон дека нова воена помош може да биде доставена до Украина „во рок од неколку дена“.

– Испораките ќе бидат „засновани на најитните потреби на Украина. Мислам дека е добра претпоставка да се очекува дека ќе вклучува капацитети за воздушна одбрана, како и артилериска муниција – рече Рајдер.