Цените на нафтата скокнаа над 88 долари, по ембаргото на ЕУ

Цените на нафтата скокнаа на меѓународните пазари во понеделникоt над нивото од 88 долари за барел, откако стапи на сила ембаргото на Европската унија на увозот на руската нафта и заедно со земјите од Г7 одреди лимит од 60 долари за руската нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелоt попладнето беше повисока за 2,53 долари во однос на затворањето на тргувањето во петокот и изнесуваше 88,10 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 2,40 долари повисока цена отколку во претходниот трговски ден, по цена од 82,38 долари.

Одвоено денеска Оранизацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот на референтната кошница нафта на нејзините членки во петокот поевтинил за 42 центи, на 83,97 долари.

Претходно во неделата беше објавено дека OPEC и нејзините сојузници големи извознички на нафта предводени од Русија од ткн група OPEC+ ја потврдиле одлуката од октомври според којашто го намалуваат производството за два милиона барели дневно и вниманието се пренасочи на ембаргото на руската нафта.

Ембаргото на нафтата којашто се испорачува со бродови стапи на сила од полноќ, а паралелно членките на Г7, Австралија и ЕУ ја ограничија цената на руската нафта на 60 долари по барел, тврдејќи дека сакаат на Русија да ѝ ги намалат приходите за финансирање на војната во Украина. Москва, пак, тврди дека станува збор за желбата на Западот да ја препродава руската нафта којашто западните компании би ја купувале за лимитираната цена а потоа од пристаништата на прва испорака би ја продавале на трети земји по пазарни цени.

Механизмот би требало да функционира преку забрана за осигурителните компании и превозниците да пружаат услуги за транспортот на руската нафта над одредената цена. Според замислите, лимитираната цена треба да ѝ го ограничи приходите на Русија, но да биде доволно стимулативна за Москва да не го запре производството и да предизвика турбуленции на меѓународните пазари.

Но Русија повторно порача дека нема да ја продава нафтата, а и гасот, на земјите коишто го прифатиле ограничувањето на цената на нејзината нафта, а што може да доведе до значително намалување на снабдвуањето на светскиот пазар кој во моментов тешко може да го надомести остуството на руските барели.

Поддршка за цените денеска им даде и ублажувањето на мерките за сузбивање на Covid-19 во Кина, кои годинава ги закочија деловните активности и побараувачката на енергенсите. Политиката на нулта толеранција на коронавирусот предизвика изминатите денови протести во низа кинески градови, но и пад на цените на нафтата бидејќи „затворањата“ доведоа и до намалена побарувачка во земјата којашто е најголемиот светски увозник на нафта.

„Гледано од перспектива на OPEC+, сигурно е тешко да се изработуваат веродостојни прогнози, имајќи ја предвид таквата атмосфера и константните промени на ситуацијата со коронавирусот во Кина, која во моментов многу повеќе ветува, гледано од перспектива на побарувачката“, вели за Reuters Крег Ирлам од OANDA.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.