Со топењето на мразот се закануваат на нови пандемии | На Тибет откриен вирус стар 15.000 години | Видео

243

Одмрзнувањето на вечниот мраз (пермафрост – постојано замрзната почва) се случува кога слоевите земја замрзнати во текот на годината почнуваат да се одмрзнуваат поради зголемените температури, што може да биде проблематично од неколку причини:

Како прво, може да се ослободат микробите и вирусите кои биле заробени во замрзнатата земја илјадници години, што може да претставува ризик за луѓето и животните.

Античките суштества излегуваат од „природниот фрижидер“ речиси како од хорор филм. Од исклучително добро сочуван волнен носорог, џиновски волк стар над 40.000 години до бактерии стари 750.000 години.

Вечниот мраз содржи големи количини на органска материја која се акумулирала и замрзнала со текот на времето. Кога вечниот мраз се одмрзнува, таа органска материја почнува да гние и ослободува метан и јаглерод диоксид, два моќни стакленички гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување.

Исто така, топењето на вечниот мраз може да предизвика промени во топографијата, ерозија на почвата, зголемување на бројот на водни тела и губење на живеалишта за многу растителни и животински видови.

Никогаш не видени вируси

„Топењето не само што ќе не доведе до откривање на древни „запечатени“ микроби и вируси, туку и ќе ги ослободи во животната средина во иднина“, објаснија истражувачите во студијата од 2021 година, предводена од првиот автор и микробиолог Zhi-Ping Zhong од State University of Ohio (USA).

Благодарение на техниките на метагеномика и новите методи за одржување на стерилизирани примероци од леденото јадро, истражувачите можат подобро да разберат што точно се крие во замрзнатото тло.

Во студијата, тимот успеал да идентификува архива стара 15.000 години од десетици уникатни вируси од ледената покривка Guliya на Тибетското плато и да добие увид во нивните функции.

„Овие глечери се формираа постепено. Со прашината и гасовите, многу, многу вируси исто така се населиле во тој мраз“, објасни Zhong.

Во рамките на овие замрзнати записи од античко време, истражувачите откриле дека 28 од 33 идентификувани вируси никогаш претходно не биле видени.

„Тоа се вируси кои успешно би преживеале во екстремни услови“, објаснува микробиологот и еден од авторите на студијата Matthew Sullivan.

Нова реалност за која мора да се подготвиме

Со споредување на нивните генетски секвенци со базата на податоци на познати вируси, тимот откри дека најзастапените микроорганизми во двата примерока на леденото јадро се бактериофагите (вируси кои убиваат бактерии) кои ја инфицираат Methylobacterium, бактерии важни за циклусот на метанот во мразот.

„Овие замрзнати вируси најверојатно потекнуваат од почва или растенија и го олеснуваат стекнувањето на хранливи материи од страна на нивните домаќини“, заклучи тимот.

Иако сеништето на древните вируси изгледа особено загрижувачко по пандемијата на Ковид-19, најголемата опасност лежи во ослободувањето на изобилство одвоен метан и јаглерод.

Познати вируси, како што се SARS-CoV-2, вирусот на ебола и HIV, најверојатно се пренесени на луѓето преку контакт со други животни домаќини. Затоа, многу е веројатно вирусот кој некогаш бил окован со мраз да навлезе во човечката популација токму преку зоонозата.

Иако е малку веројатно дека од топењето на мразот ќе се појави патоген и ќе предизвика катастрофални истребувања, резултатите од студијата јасно покажуваат дека ова веќе не е фантазија, туку наша нова реалност за која треба да почнеме да се подготвуваме.