Режисерот ја откри вистината за Амелија Пулен по повеќе од две децении

Од:

Пред речиси 22 години, шармантната Амелија Пулен, која маестрално ја игра Одри Тату, ги освои срцата на љубителите на филмот ширум светот. Познатиот филм на Жан-Пјер Жене стана едно од најуспешните достигнувања во историјата на француската кинематографија.

Иако имаше и такви на кои „Амелија“ не им се допадна како најдобар француски филм, ниту најголемите скептици не можеа да го погодат објаснувањето што самиот автор неодамна го даде за своето дело.

Жан-Пјер Жене на социјалните мрежи објави краток филм во кој ја откри „вистинската приказна“ на главниот лик, откривајќи дека Амелија не е љубезната келнерка која некогаш ја знаевме. Таа всушност работи како шпион за КГБ, пренесува Euronews.

Составен од познати сцени од филмот, аранжирани да раскажат сосема поинаква приказна (на пример, како да се направи крем бруле со цијанид), експериментот на овој режисер ја покажува важноста на монтажата во процесот на создавање на филмовите и како истата слика може да се користи за да се раскажат нови сценарија.

По „Чудесната судбина на Амелија Пулен“, Жене ги претстави и филмовите „Веридбата долго траеше“ (2004) и „Micmacs“ (2009) кои поминаа добро, но тој не го повтори големиот успех.

Минатата година, по речиси една деценија отсуство, го објави „Bigbug“, научно-фантастична комедија, која не успеа да ја освои публиката како неговите претходни дела.