Планинарска велотура „Вевчанска голина – локва“

36

„Екосвест“ од Вевчани и „Рупикапра МТБ“ – Струга организираат планинска велотура „Вевчанска голина–локва”. Турата ќе се одржи на 7.7.2024 година, со почеток од Вевчани, во 9:00 часот.

– Целта на оваа велотура е да ги промовира убавините на планината Јабланица и споменикот на природата Вевчански Извори, како и можностите за развивање на велосипедскиот туризам на ова подрачје – велат организаторите.

Турата започнува од центарот на Вевчани, со крајна цел Вевчанска Голина (Локва). Патеката од центарот на Вевчани продолжува по следниов редослед: Вевчански Извори – Есејнца – Смолејца – Јанков Камен – манастир „Свети Климент“ – Горна Белица – Вевчанска Голина (Видиковец), назад кон Вевчани, преку Средни Рид.

Патеката е со должина од 30 километри и елевација од 1.100 метри. Секој учесник на велосипедскиот настан треба да е физички подготвен, а турата може да се карактеризира како 8/10.

Секој учесник, по желба, може да се приклучи на кратко планинарење од 30 минути, од видиковецот на Вевчанска Голина до Вевчанска Локва и да ужива во капење во бисерот на Јабланица, глацијалното езеро Вевчанска Локва.

За сите пријавени учесници следуваат промоматеријали, ручек и освежување. Учеството на настанот е бесплатно.

Како активности пред турата, „Екосвест“ и „Рупикапра МТБ“ заедно ќе организираат низа различни активности како акции за чистење на отпадот, расчистување на патеките, поставување патокази и сл.

Велотурата е поддржана како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со споменикот на природата Вевчански Извори”, финансиран од „Prespa Ohrid Nature Trust – PONT“.