Кошмарот за МЗТ допрва почнува: Стигна првата блокада од БАТ за шампионот на Македонија

Катастрофалното раководење на МЗТ Скопје од страна на директорот Ѓоревски е добро познато за македонската спортска јавност, а сега дојде и време долговите што раководството на клубот ги ставаше под тепих да почнат да се плаќаат.

Така, Кошаркарскиот суд на ФИБА (БАТ) му ја изрече и првата забрана за трансфери на МЗТ Скопје, која сериозно ќе се одрази на функционирањето на клубот во иднина. Велиме првата, бидејќи информациите на ЕКИПА говорат дека во наредните месеци ќе стигнат уште неколку вакви блокади, што сериозно ќе ги нарушат плановите за продолжување на аеродромската доминација.

Долговите на МЗТ Скопје траат уште од ланската сезона, кога дел од кошаркарите кои настапуваа во АБА1 останаа без своите побарувања, па по низата лажни ветувања решија преку ФИБА да побараат исплата на средствата. Првата битка е веќе загубена и ФИБА пресуди во корист на играчот чие име не се обелоденува, а се очекува оваа бројка значително да се зголеми до крајот на месец јуни. За трагедијата да биде поголема, аеродромци имаат значителни долгови и за оваа натпреварувачка сезона, кои допрва ќе дојдат за наплата.

Казната на ФИБА се однесува на забрана за трансфери се додека не биде постигнат договор за исплата на средствата што се должат. Ова значи дека МЗТ Скопје без никаков проблем ќе може да ја доигра сезонава во која е главен фаворит за титулата. Проблемите ќе настанат летово, кога нема да може да се регистрираат нови кошаркари се додека сите блокади не бидат отстранети, а значаен дел од овие првотимци сериозно размислуваат за заминување поради долговите кон нив.

 

Се вчитува...