Хјуман рајтс воч: Израел ги изгладнува Палестинците, ја блокира испораката на помош за Газа

Хјуман-рајтс-воч-Израел-ги-изгладнува-Палестинците-ја-блокира-испораката.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Владата на Израел не ја исполнила наредбата на највисокиот суд на Обединетите нации за обезбедување на испорака на потребната помош за луѓето од Појасот Газа, соопшти денеска Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Меѓународниот суд на правдата во својата одлука во јануари му наложи на Израел да спроведе шест привремени мерки, меѓу кои „итно и ефективно обезбедување основни основни услуги и хуманитарна помош со цел да се одговори на неповолните животни услови со кои се соочуваат Палестинците во Појасот Газа“.

ХРВ објави дека Израел не ја почитува наредбата на судот за давање помош, а како докази наведуваат дека просечниот број на камиони кои превезуваат помош во Газа е намален за 30 отсто од одлуката на судот.

Организацијата процени дека Израел не дозволува испорака на доволно гориво и ја блокира испораката на помош на северот на Појасот Газа.

Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) минатата недела објави дека била принудена да ја прекине помошта во регионот бидејќи конвоите се соочиле со целосен хаос и насилство.

„Владата на Израел изгладнува 2,3 милиони Палестинци, што ги става во уште поголема опасност отколку што беа пред обврзувачкиот налог на Светскиот суд“, рече директорот на ХРВ за Израел и Палестина, Омар Шакир.

Тој на социјалната мрежа Икс (Х) напиша дека израелската влада ја игнорирала одлуката на судот и „на некој начин ја зголемила репресијата“ и дека продолжуваат да ја блокираат испораката на спасувачка помош.

Израел негира дека го ограничува протокот на помош и наместо тоа ги обвинува хуманитарните организации кои работат во Газа, тврдејќи дека стотици камиони со помош се паркирани на палестинската страна на главниот граничен премин.

Од ОН велат дека не можат секогаш да стигнат до камионите на преминот, бидејќи областа понекогаш е премногу опасна.

Кабинетот на премиерот Нетанјаху објави дека е одобрен план за безбедно доставување хуманитарна помош во Газа на начин што ќе спречи кражба, но не беа наведени детали.

Таа одлука ја донел воениот кабинет, пренесуваат агенциите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK