МЗТ не успеа до подвиг: Спартак го освои „Јане Сандански“

МЗТ Скопје не успеа да го искористи домашниот терен како адут, губејќи со резултат 73-78 на првиот меч од полуфиналето од АБА2 лигата против Спартак Суботица. Гостите од Србија ја имаа улогата на фаворити во пресрет на овој двомеч, а искуството и квалитетот беа пресудни во добра завршница да се одлепат во последните минути и да имаат плус пет во пресрет на реваншот во Суботица.

Во првите седум минути се играше израмнета кошарка, а потоа Спартак влезе во серија во последните три минути од стартната четвртина во кои македонскиот првак не постигна ниту еден поен, а гостите поведоа со 15-23. Поените на Церовина на почетокот од вториот период донесоа водство од 15-26, но МЗТ Скопје се разбуди и не дозволи серијата на противникот да продолжи. Крајот од втората четвртина мина во знакот на аеродромци, кои со поените на Танасковиќ и на Војдан Стојановски во последните триесетина секунди намалија на само четири поени негатива (31-35).

Тоа беше најава за уште подобра игра на аеродромските сино-бели во третиот период, во кој Американецот Гилон погоди неколку шутеви и го иницираше пресвртот, па МЗТ влезе во последните десет минути со предност од 55-52. Тоа беше се што избраниците на тренерот Атанаскоов успеаја да сторат бидејќи последните десет минути минаа во знакот на гостинскиот состав. Гордиќ умешно раководеше со нападите на Спартак, гостите од Србија го свртеа резултатот во своја полза, пред крајот имаа и „плус десет“, за МЗТ во последната минута да ја преполови негативата на конечните 73-78.

Војдан Стојановски беше најдобар кошаркар на МЗТ Скопје и на овој натпревар со 20 поени и шест украдени топки, Делалиќ постигна 13, а Баковиќ 12 поени за „мееталците“. На спротивната страна, искусниот Гордиќ со 16 поени и 6 асистенции беше најдобар поединец во таборот на Спартак.

Реванш натпреварот од овој полуфинален двомеч се игра на 4 мај во Суботица.

Се вчитува...