Џинпинг свечено пречекан во Белград: Кина ја поддржува Србија за Косово, но дали ќе застане на иста страна и за Резолуцијата за Сребреница?

од Nikola Popovski

Кинескиот претседател Си Џинпинг синоќа пристигна во дводневна посета на Србија. Бил пречекан од претседателот Александар Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ. За време на неговата втора посета на Белград во последните осум години, биле потпишани повеќе од 30 договори меѓу двете земји. Џинпинг изјавил денеска за време на неговата официјална посета на Белград дека Кина и Србија „заеднички ќе се спротивстават на хегемонијата и политиката на моќ“ и заеднички ќе се залагаат за фер пристап и правда и ќе работат заедно за изградба на „глобална заедница со заедничка иднина“.

-Политичката доверба на Пекинг и Белград е „силна како карпа“, кажал Си во изјава за медиумите по потпишувањето на Заедничката изјава на двете земји за „продлабочување и подигање на сеопфатното стратешко партнерство и градење заедница меѓу Србија и Кина со заедничка иднина во нова ера“.

„Кина ја поддржува Србија да се придржува до нејзината независност и да го следи сопствениот развојен пат и ја поддржува во нејзините напори да го зачува нејзиниот суверенитет и територијален интегритет во однос на Косово“, рекол кинескиот претседател.

Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи во разговор за „Локално“ ја анализира посетата на регионот на лидерот на една од навлијателните земји во светот. Според него, кинескиот претседател Џинпинг тргна на дипломатска турнеја низ Европа со стратешки цели на ум, настојувајќи да го зајакне влијанието на Пекинг, истовремено спротивставувајќи се на сè покритичниот став на Европската унија кон Кина.

Пецо Трајкоски

-Во Франција, тој се состанува со претседателот Емануел Макрон и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи го економскиот ангажман и минимизирајќи ја поддршката на Пекинг за Русија, додека се обидува да ја поколеба Франција и другите нации претпазливи за целосно усогласување со надворешната политика на САД за Тајван и други спорни прашања. Во Србија, Си ќе ги истакнува историските врски со цел да го продлабочат нивното партнерство преку Иницијативата „Појас и пат“, притоа покажувајќи ја стратешката важност на Србија на Западен Балкан. Во Унгарија, тој ќе разговара со премиерот Виктор Орбан, истакнувајќи ја нивната усогласеност за економските и безбедносните прашања, истовремено засилувајќи ја клучната улога на Будимпешта во Иницијативата „Појас и пат“. Европската турнеја на Си ги балансира дипломатијата и стратегијата додека тој се обидува да ги поправи заладените односи предизвикани од поддршката на Кина за Русија, да ги реши економските проблеми на ЕУ и да ги зајакне партнерствата со земји кои се поусогласени со визијата на Пекинг, оценува аналитичарот за безбедносна политика.

Трајкоски смета дека посетата на Си на Србија е најсимбoлична од сите други средби кои претседателот ќе ги има во Европа, но сепак се вклопува во намерата на Кина да се потенцираат нивните дипломатски напори на Балканот каде што таа се обидува да го зголеми своето влијание.

-Посетата е симболична во одлично време бидејќи се одбележуваат токму 25 години од бомардирањето на НАТО на Србија кога загинаа и кинески новинари. Кина секако работи на зголемување на своето влијание на Балканот и тоа не само преку оваа посета. Кина е присутна во овој дел од светот на најразлични полиња, можеби не толку колку Западот и не на таков начин, но секако нивното влијание е во подем, истакнува соговорникот.

Со оглед на силното противење на Резолуцијата за Сребреница од страна на српските власти и населението, додава Трајкоски, можно е Србија да побара поддршка од Кина за да ја оспори нацрт-резолуцијата во ОН.

-Нивното долгогодишно партнерство, зајакнато од заедничките геополитички цели, го прави веројатно дека Кина ќе ја поддржи Србија во овој спор, и покрај меѓународната осуда за негирање на реалноста на геноцидот. Сепак, повеќе верувам дека Кина ќе биде неизјаснета по ова прашање, посочува аналитичарот.

Претседателот на Србија денеска по разговорот со кинескиот колега порачал дека никој нема да може да го прекине железното пријателство со Кина, „бидејќи ние сме многу лојални луѓе“.

По пленарната средба на делегациите на двете земји и потпишувањето на голем број билатерални документи, Вучиќ ѝ се заблагодарил на Кина што секогаш била покрај Србија кога била во неволја.

Вучиќ додал дека „кога работите ќе бидат тешки за Кина, Србија ќе застане покрај земјата“.

-Колку и да сме мали, ќе застанеме со Кина кога многумина ќе ја свртат главата. Кина никогаш не ја сврте главата од Србија. Кина пред 25 години беше со Србија кога беше противправно нападната, потенцирал српскиот претседател.

Н.П.

Слични содржини