МЗТ Скопје пред своите навивачи нема право на кикс против Мега

МЗТ Скопје денеска од 21 часот во СЦ „Јане Сандански“ ја пречекува Мега во обид да ја забележи втората победа во АБА лигата. Овој натпревар е со огромно значење за аеродромци кои по седум одиграни меча се наоѓаат на претпоследната позиција на табелата.

Мега е еден од главните противници за изборување на опстанок и МЗТ Скопје нема право на кикс во обидот за одбрана на домашниот терен. Тој воедно е и предност за „сино-белите“ кои во досегашните меѓусебени натпревари имаат позитивен скор (3-2) кога станува збор за средбите одиграни во Скопје.

„Сино-белите“ на овој натпревар влегуваат и со две промени во составот откако од Аеродром „одлета“ Андреј Магдевски, а „слета“ Александар Бурсаќ. Крилниот центар се очекува да биде голема помош во битката под обрачите, но ќе биде интересно да видиме како Александар Петровиќ ќе ја пополни празнината на бековската позиција по заминување на Македонецот.

Товарот ќе падне врз првиот избор на Петровиќ, Мајкл Кефи кој вели дека играњето на домашен терен носи поголем мотив за победа.

„Играњето пред домашната публика секогаш носи дополнителен предизвик и мотив да го дадеме својот максимум и да ги израдуваме навивачите со добра игра и победа. Против себе имаме млад и брз состав што значи дека ќе мора да одговориме на нивната полетност и енергија. Ако дадеме се од себе и одговориме на барањата на тренерот, сигурен сум дека ќе биде блиску до посакуваната цел, а тоа е триумф“, вели Американецот.

Се вчитува...