Палењето стрништа е опасно, прилепчанец го чинеше живот

Палењето стрништа е опасно, прилепчанец го чинеше живот

   Бизарна смрт на 63-годишен прилепчанец. Бил пронајден мртов среде опожарената нива, во која, според првичните информации, претходно најверојатно го запалил стрништето. „Прилепчанецот запалил стрниште на својата нива во месноста викана „Поводенци“ кај Прилеп. Пожарот излегол од контрола, ги зафатил и другите ниви, но го опфатил и 63-годишниот прилепчанец со иницијали С.Д. Прилепчанецот загинал на местото на несреќата. Екипата на Итната помош само констатирала смрт“, изјави јавниот обвинител, Стевчо Биноски, кој издал и налог за обдукција на телото. Веста за трагедијата ја потврдија и од СВР Битола, а и од ТППЕ.

  Палењето стрништа што кај нас многу често се практикува, е исклучително опасна работа, што се докажа, за жал и во последниов случај кој заврши и со човечка жртва, вели командирот на ТППЕ од Прилеп, Христијан Момироски и додава дека скапа илузија е увереноста дека нестручно лице може лесно да го контролира огнот.

   „Интервенциите на отворен простор ни се зголемени за 30 проценти, во споредба на изминатата година. Се работеше за поголем пожар каде што е изгорена поголема површина на трева, на грмушки, на некои смреки и сл. Периодов што ни следува ќе има високи температури, целото население кое што е на отворен простор, треба да биде внимателно. Значи да не се палат никакви треви, никакви ниви, оти едноставно се загрозува нивниот живот, се загрозува живот на животинскиот и растителниот свет. Во овој случај, сопственикот палејќи ја тревата, си го загрозил и сопствениот живот“, ни изјави за Алфа, Хтристијан Момироски, командир на ТППЕ од Прилеп.

  Од истите причини, според првичните информации, вчера и во Скопје, на паркингот под Калето беа опожарени и целосно пеплосани пет паркирани возила, како и дел од околната вегетација. Таму, за среќа, немаше човечки жртви.

  Инаку, сезонското палење стрништа на нивите претставува еден од најстарите методи за регулирање на почвениот состав со кој земјоделците ја прихрануваат почвата и ги чистат полињата од штетници. Меѓутоа, освен што се предизвикува големо загадување на воздухот, често се предизвикуваат и огромни шумски пожари, заради што државните институции редовно апелираат за одбегнување на оваа метода, ама досега без успех. 

   новинар      Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста